Членови на Програмскиот совет на МРТ: Зошто само БНТ зрачи во Македонија, а МРТ во Бугарија не?
Емитувањето на БНТ во Македонија и неемитувањето на МТВ во Бугарија тема на дискусија и на програмскиот совет на Македонската Радио Телевизија. По серијата прилози на Алфа, дел од членовите побарале објаснување зошто нема реципроцитет.
„Станува збор за ТВ прилог околу овој проблем… во прилогот беа вклучени три страни – АВМУ, ЈП МРТ преку директорот Захарија Вулгаракис и Владата“ се наведува во записникот од одржаната седница.
Единствениот одговор од претседателката на Програмскиот совет, Смилка Јанеска – Саркањац, е дека директорот на МРТ во минатотото преговарал тоа да биде симетрично.
Претходно во изјава за Алфа, едниот од директорите, Захарија Вулгаракис, рече дека тие немале можност да проверуваат дали бугарските оператори го пренесуваат сигналот на македонската телевизија.
„Нас ни беше кажано да го кренеме сигналот над Европа, односно секоја држава која сака може бесплатно да го емитува македонскиот канал“ рече Захарија Вулгаракис од Македонската радио телевизија.
И додека МТВ не се емитува во Бугарија, БНТ непречено оди на кабелските оператори во Македонија, на нивната програма македонските револуционери Дамјан Груев, Гоце Делчев, Питу Гули се претставени како Бугари, а може да се забележат и други обиди за преиначување на македонската историја, па се до препевање на македонски песни и и нивно претставување како бугарски.
Од Владата се правдаа дека тие не може да контролираат што емитува БНТ, ниту да, пак, со декрет да наложат Националната телевизија, како што ја нарекуваат Македонската телевизија, да се пушти во етер кај источниот сосед.
„НТВ се емитува на сателит, а тоа значи дека сите оператори на територија на Европа можат да ги преземаат и емитуваат нашите канали“ одговорија од Владата на прашањата од Алфа.
Програмскиот Совет дебатирал и за ова – преименувањето на МТВ во НТВ од страна на Владата.
„Јас уште пред една година побарав објаснување зошто никој од новинарите на МРТ не реагира кога МРТ ја нарекуваат НТВ и не го корегираат тогашниот премиер кој всушност на нивна покана гостуваше во тие емисии“ рекла Ивана Трајковска од Советот, а се наведува во записникот.
Инаку во сите соопштенија од Владата и настапи на функционерите Македонската телевизија е именувана како Национална телевизија иако МРТ во Централниот регистар го нема сменето името како што тоа го направија други институции по налог на Владата, а наводно во согласност со Преспанскиот Договор. Така на пример, Македонската информативна агенција стана Медиумска информативна агенција, Македонската опера и балет стана Национална опера и балет а Електрани на Македонија станаа Електрани на Северна Македонија.
Адријана Алексиеска