Четири часа друга реалност: Ковачевски раскажа владина бајка во МОБ, наместо реалната состојба во Македонија

Четиричасовна бајка и неспоменување на секојдневните реални проблеми кои постојат во Македонија. Вака изгледаше отчетот за работата во првите 100 дена од Владата на премиерот Димитар Ковачевски. Во четирите часа во Македонската опера и балет, не беше споменат штрајкот на професорите и вработените во градинките, не беа споменати ниту секојдневните протести на синдикатите, земјоделците и многу други.

Споменати беа како што премиерот и неговите колеги самите си ги кажаа економските и другите успеси во државата. А меѓу нив беше набројан и кредитот од 900 милиони евра од ММФ, како и дека го подобриле стандардот на граѓаните, со мерките кои биле реализирани.Тема нормално беше и Бугарија. И покрај досегашните и сега најавеното вето, Ковачевски порача дека двете Влади морало да гледаат позитивно.

-Ние имаме предизвик со соседна држава Бугарија заради ветото што Бугарија, минатата бугарска Влада го стави за отпочнување на првата меѓувладина конференција на Република Македонија. Имаме обврска да наведеме наратив кој што ќе биде позитивен, кој што ќе биде насочен кон иднината, кој што ќе биде позитивен и кој што ќе овозможи отпочнување на преговорите на Република Македонија, изјави Ковачевски.

За разлика од својот шеф во Владата, министерот за надворешни работи Бујар Османи не е толку позитивен. Порача дека доколку Македонија повторно добие студен туш во јуни, што е сосем очекувано, ќе се затвори процесот на можности, а ние ќе мораме да се свртиме кон другите работи.

-Сметам дека нема доволно енергија и капитал оваа Влада да се посвети на една тема, откако ќе се затвори овој прозоцер на можности, ќе мора да се свртиме на внатрешните прашања во државата. Што тоа значи, ќе треба нормално Европската унија да одлучи што понатаму. Но, топката веќе не е во нашиот двор, топката е веќе во Софија, затоа што ние направивме се што можевме да се направи како еден конструктивен партнер во овие преговори, изјави Османи.

Иако не беше така преставена во Македонската опера и балет, состојбите во Македонија се далеку од добри. Секојдневно се повеќе се изразува незадоволството на граѓаните на многу начини, но сепак тоа не е причина власта да прифати брзи предвремени парламентарни избори. Ова го повтори и првиот вицепремиер Артан Груби, кој би прифатил предвремени избори, но само неколку месеци пред редовните.

-ДУИ како учесник во оваа коалиција смета дека предвремени парламентарни избори треба може да се одржат во април 2024, заедно со претседателските избори. ДУИ како дел од оваа коалиција силно го поддржува парламентарното мнозинство владината коалиција и овде сме да ги реализираме овие проекти, изјави Груби.

И покрај тоа што пред блокадите од Бугарија, вето добивме и од Франција, Ковачевски вели сите освен источниот сосед биле за Македонија да започне преговори со ЕУ, пред споменувајќи ги токму Франција, како и Германија, но и Соединетите Американски Држави.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста