Чествување на делото на Милтон Манаки

Денеска во Влашките гробишта во Битола се чествуваше делото на првиот снимател на Балканот Милтон Манаки пред неговото вечно почивалиште. Со положување на цвеќе од Влашката заедница, филмските работници, конзуларни претставништва, Општината Битола и други почитувачи на неговото дело, се одбележаа 55 години од неговото упокојување, каки и 40 години од организирањето на Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки.

  • Го чествувме животот и делото на Милтон манаки кој што има оставено непроценливи траги во нашето културно живеење. Можам со сигурност да кажам дека неговите снимки се најзначајни филмски материјали за Македонија и пошироко – рече директорот на Кинотека на Македонија Владимир Ангелов.
    – Она што денес како вредна своина и оставштина е оставена на нас, тоа е пред се големата фотодокументација што се чува во Историскиот архив во битола, како и филмската документација во Кинотеката на Македонија, јасно зборува колку се цени големото дело на браќата Манаки – рече Стефан Хаџи Антоновски, претседател на Кино- клубот Браќа Манаки од Битола.

Филмскиот фонд на браќата Милтон и Јанаки Манаки се чува во оптимални услови во Кинотека на Македонија, а целосно беше дигитализиран пред пет години во Унгарија. Останатата заоставшина се чува во историскиот архив на Битола со 6.000 стаклени плочи и околу 15.000 фотографии врз кои сега се врши дигитализација. Вечерва, во чест на Милтон Манаки, во Кинотека на Македонија ќе биде прожектиран документарниот филм посветен на првите сниматели на Балканот од Роберт Јанкуловски, кој премиерно филмската публика имаше можност да го види на минатогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филсмаката камера Браќа Манаки во Битола.

Петар Стефановски