Честитки од државно – политичкиот врв по повод Денот на Сесловенските просветители

Честитки од државно – политичкиот врв по повод Денот на Сесловенските просветители

По повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, државно – политичкиот врв упати честитки.

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во честитката, меѓу другото вели, дека македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.

„Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање“ се вели во честитката од Сиљановска – Давкова.

Во честитката на собранискиот спикер Јован Митрески, пак, тој пишува оти делото на светите браќа Кирил и Методиј е темел на македонското јазично и духовно битисување во семејството на словенските народи.

„Денешниот празник е убава можност да им се оддаде достојна почит на основоположниците на словенската книжевност и писменост“ вели Митрески во честитката.

Техничкиот премиер, Талат Џафери, во честитката вели дека делото на светите браќа е епохално, како за современата македонска култура, така и за Европа.

„Значењето на светите браќа Кирил и Методиј за единството на европските народи е безвременско и обврзувачко, секој да го најде патот и да се вложи во напредокот, за доброто на сите“ се наведува, меѓу другото, во честитката од Џафери.

Честитка упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен мандатар за состав на нова Влада. Во неа Христијан Мицкоски вели дека Светите Кирил и Методиј со своето дело ја задолжија не само сесловенската, туку и европската и светската култура.

„Нашата гордост како Македонци е дотолку поголема, што нивниот темел на старословенскиот јазик како основа на нивната дејност, беше говорот на македонските Словени од околината на Солун. Македонскиот јазичен извор ја напои жедта на целиот словенски род и на тој начин ги спаси од одродување“ се наведува во честитката од Мицкоски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )