Чешка и Словачка со став – Неприфатливи се условите за Македонија за исправно толкување на историјата

Европската унија испраќа измешани и нејасни сигнали кон Македонија.Оваа земја 15 години се наоѓа во центарот на двосмисленоста во ЕУ. Државата ги исполни сите услови, а наградата од Брисел изостана. Ова се ставовите на чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек и Иван Корчок во врска со нашата евроинтеграција изнесени во коментар за Еу обсервер. Двајцата дипломати уште еднаш истакнуваат дека за нив барањата за исправни толкувања на историјата како услов за евроинтеграција се неприфатливи.  Сметаат дека ова може да го отвори патот за билатерални барања во иднина. И велат дека ЕУ не треба да утврдува кој е во право за прашања поврзани со историјата јазикот и идентитетот. Унијата како што посочуваат министрите се заснова на различностите, а не на пресуди и категоризации.

“Македонија ги исполни сите потребни услови поврзани дури и со сопственото име.  Се сомневаме дека било која од сегашните земји членки на ЕУ би имала капацитет и воља да го стори истото. Потоа минатата година Македонија се соочи со уште една пречка и повторно и беше побарано да исполни барања поврзани со нејзиниот национален идентитет. Покрај тоа есента минатата година беше поднесено ново и прилично изненадувачко барање ЕУ да се направи колективен судија за историски толкувања за тоа што е правилно, погрешно, точно и лажно во изминатите стотици години од историјата на Балканот”, велат во коментарот во Еу Опсервер Петричек и Корчок.

Поддршката за нашата евроинтеграција Корчок ја изрази и во Скопје по средбата со министерот Османи. Поради две причини нашата воља и интересот на земјите членки Западен Балкан да стане дел од ЕУ. Се надева дека преговарачката рамка ќе се усвои за време на португалското претседателство и смета дека пандемијата не треба да биде пречка но потсети дека е потребен консензус од сите земји членки на ЕУ.

“Не може да запреме поради пандемијата кога станува збор за проширувањето, ги цениме државите според исполнетите критериуми и ќе повторам, ние сакаме да оди напред тој процес, но за тоа е потребен консензус и пандемијата не може да не запре во исполнување на таа агенда. Словачка ќе биде партнер”, вели Корчок.

Сепак Османи смета дека секоја земја не се оценува според учинокот туку политичките состојби се пресудни за интеграцијата.

“Свесни сме дека во ЕУ не треба да внесуваме недоразбирања, но објективен е впечатокот кај нас и кај другите во регионот дека принципот на интеграција станува нејасен, непредвидлив и не наградува според учинок, туку според моменталните политички состојби”, вели Османи.

Османи и Корчок заклучија дека поради потребата за поинтензивна економска соработка Македонија треба да отвори амбасада во Словачка.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста