Чавков: На 27-ми април не комуницирав со Јанакиески и Ристовски

Не сум имал никаква комуникација со Јанакиевски и Ристовски на 27 април, рече пред судот поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кој се појави како сведок на судењето за организаторите на собраниските настани. Вечерта на 27 април единствената комуникацијa  ја имал со Никола Груевски кој како што рече  бил многу загрижен за случувањата во земјата.

 „ Некаде околу 20:30 часот Никола Груевски ми се јави, се интересираше за состојбите, евидентна беше неговата загриженост. Кога Груевски се јави, веќе имавме полициски формациски сили кои беа консолидирани и се применуваа средства за присила, беа исфрлени повеќе шок-бомби, тогаш веќе ја имавме ситуацијата под контрола, течеше процесот на евакуација“, сведочеше Чавков.

За Нинџа, рече Чавков, претходно му било познато дека е дел од криминалното милје и против него имало и кривични пријави, но лично не го познавал и првпат го видел кога двајцата седнале на обвинителна клупа во претходниот судски процес.

Сведочеше и Никола Митревски- Кољо кој рече дека се познава од детство со Никола Василевски – Нинџа, но дека не може да одговори за дента на 27 април бидејќи против него се води постапка за тој настан. Истакна дека на протестите одел по сопствено убедување, а Нинџа по настаните воопшто не му кажал дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ или дека комуницирал со Јанакиески и Ристовски.

„Слушав и невистинитост и сакам сите да ја знаат вистината. во сведочењето, Нинџа, кој ми е кум, кажа дека дента на 27 април 2017 Владимир Атанасовски ми се јавил мене во негово присуство. Тоа не е точно. Се колнам во моите деца, дека немам таков повик“, рече Кољо.

За адвокатот на одбраната Еленко Миланов, единствениот доказ на Обвинителството е сведочењето на Александар Василевски – Нинџа и неможе да биде основа за една осудителна пресуда.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста