Чадот од „Пајпер Мил“ утре ги вади на протест жителите на Кочани

Со блокади и масовни протести до почист воздух. Еко активистите и жителите на Кочани го изгубија трпението. Утре ќе го блокираат влезот на фабриката “Пејпер мил” за која се верува дека е и најголем загадувач на градот… Овие аматерски снимки направени вчера само потврдуваат дека фабриката не ги почитува изречените санкции од страна на Дражавниот инспекторат и наместо да ги намали штетните емисии во воздухот како што му беше наложено по вонредниот надзор, тие продолжуваат со труење, алармираат од здружението Грин-орг. Фотографиите на кои се гледа како Кочани е обвиткан со смог, ја прелеаја чашата, па граѓаните синоќа самоиницијативно на социјалните мрежи организираа протест за кој како што велат знаат кога ќе почне, но не и кога ќе заврши.

“Мерењата веќе два пати по ред покажаа дека” Пејпер мил” загадува надвор од границите со ПМ честички и јаглероден моноксид. Меѓутоа и покрај преземаните санкции од страна на Државниот инспекторат, односно предлог казната од 20.000евра, истите продолжуват да работат со исто темпо и на ист начин”-изјави Ана Симонова, еко-активист

Освен казна од 20.000евра,на фабриката и е наложено  еднаш неделно да врши мерење и за два месеци да постави филтер. Ваквиот извештај фабриката го обжалила, доставувајќи резултати од  мерења со кои покажуваат дека  тие се движат во границите на нормалата. Но за еко активистите се невалидни бидејќи мерењто  на штетни емисии во воздухот го правеле  без надзор  на инспектор.

” Тие му дадоа рок од два месеци, односно до 15 февруари да го променат својот филтер. Меѓутоа ние како граѓани сакаме фабриката до тогаш да работи исклучиво на метан. Се дотогаш на нас казната од 20.000евра воопшто не ни значи кога ние продолжуваме да се труеме од нивниот чад”-изјави Ана Симонова, ЗГ Грин-орг.

Деновиве и штипјани дишат нечист воздух. Синоќа ПМ честичките во градот познат по ветрот достигна над 370.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста