Чадиковски повеќе не е вработен во „Жан Митрев“, кој ќе ги оперира бебињата со срцеви маани?

Илустрација

Единствениот лиценциран детски кардиохирург Чадиковски и офијално ја напушти Клиниката „Жан Митрев“. Тој се спогодил да замине веднаш, без отказен рок, а по него заминуваат и двајца анестеиолози, од тимот, што веќе дале откази, дознава Алфа. Чадиковски се уште јавно не сака да говори за причините што го натераа на ваков чекор, а неофицијално, истите биле неисполнети услови од страна на Клиниката, и од Министерството за здравство, како и импровизации кои се правеле во текот на работењето, ама и нарушени меѓучовечки односи.

Додека Чадиковски беше на одмор, врвниот кардиохирург Жан Митрев се пофали дека може да оперира и новороденчиња, и на веб -страницата на клиниката објави оти успешно направил операција кај бебе. По ова и Митрев не беше достапен за јавноста, а од Клиниката, преку кусо соопштение потврдија дека, ќе продолжат со хируршките зафати, без да прецизираат зошто заминува Чадиковски, како и дали може да се оперираат деца без да се има дозвола за истото.

Дека никој освен Чадиковски нема ваква лиценца, ниту од земјава, а ниту од странство, за Алфа веќе потврдија од Лекарската комора, единствената институција што издава вакви документи.

Од Министерството за здравтсво не одговорија на конкретните прашања на Алфа како може во „Жан Митрев“ да се оперираат деца без лиценца, а и кој поточно, без истата, во иднина ќе оперира бебиња родени со срцеви маани, оти дури и најдобриот кардиохирург во земјава, нема дозвола „црно на бело“ за оваа дејност.
Оттаму наместо конкретни одговори добивме кратко појаснување оти ќе помагале лекари од Србија.

-Експерти и доктори од Република Србија, во директна соработка со македонските доктори ги едуцираат на овозможување соодветен здравствен третман на сите пациенти, вклучително и на децата до една година, велат од Министерството за здравтсво.

За волја на вистината, истите лекари му помагаа и на Чадиковски. Во меѓувреме, веќе два дена од Државниот здравствен инспекторат не сакаат да говорат јавно. Оттаму во телефонски разговор за Алфа кусо повторија дека немаат добиено барање за постапување од министерството, но ниту пак имале пријава за промена на кадарот во „Жан Митрев“. Од ДЗСИ велат дека засега не се утврдува дали Митрев смеел да оперира без Чадиковски, никој не пријавил, а инаку видео од операција на новороденче беше јавно споделено.

На прашање кој ќе ја понесе одговорноста, доколку некоја од операциите на деца заврши фатално, од Државниот здравствен инспекторат велат оти надлежни биле само за кадарот и опремата.

Институционалната некоординираност исплива на површина откако од министерството во писмен одговор за Алфа го наведуваат спротивното.

-Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Правната служба ја контролираат работата на приватните болници, велат од МЗ.

Од Клиниката „Жан Митрев“ посочија оти во следните неколку недели се планираат 20-тина операции на деца.

Она што секако е клучно, а поважно од суетата на докторите на медицина што во случајот го доведоа во прашање функционирањето на единствената здравствена гранка што работи по принципот јавно-приватно партнерство, секако се бебињата кои чекаат за операција. На нивните родители веројатно не им е важно дали ќе оперира Митрев или Чадиковски, кој за што има дозвола, ниту пак колку се координирани институциите, туку дали децата ќе добијат шанса за живот.

Сања Трајковска Ставров