Ценовен шок за граѓаните – струјата поскапува за 7,42%

Регулаторната комисија за енергетика потврди – струјата од август поскапува за 7,42%. Ако некое домаќинство плаќало за струја 1.500 денари месечно, сега сметката ќе му биде за 100 денари повисока, односно ќе плаќа 1.600 денари. И покрај барањата за укинување, Регулаторот ја задржа евтината тарифа на струјата. Не ја укинале, зошто тоа ќе бил дополнителен ценовен шок за граѓаните. Засега не се знае за колку ова зголемување на цената на струјата ќе придонесе за поскапување на низа производи во наредниот период. За да им се помогне на граѓаните, РКЕ предлага новата влада и собрание итно да го намалат ДДВ на електричната енергија и да ги зголемат субвенциите за посиромашното население.

Сите енергетски компании прикажале зголемени трошоци во пресметките, а расходите на преносниот оператор МЕПСО биле за дури 70% поголеми. Регулаторот прифатил само 30% од приговорите на компаниите. Ако ги признаеле сите трошоци, струјата ќе поскапела и до 23%. Од комисијата велат дека очекувано сите енергетски компании во моментов имаат намалени приходи, но повисоките цени ќе им обезбеделе добивка .

Скапата тарифа на еден киловат час струја ќе изнесува 5,95 денари, а евтината тарифа 2,99 денари. Регулаторната комисија за енергетика требаше да ја соопшти и новата цена на парно греењето во Скопје. Поради драстично различни пресметки на регулаторот и БЕГ, одлуката е пролонгирана да се донесе кон средината на август.

 

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста