Цел затвор во Шутка на проверка за Коронавирус, затворениците фрлале чинии од прозорец

Паника во истражниот затвор во Шутка. Луѓето кои се зад решетки во притворското одделение живеат во константен страв и бараат помош откако почина затвореник, кај кој е докажано присуство на Ковид-19.

Од истражниот затвор известија дека притвореникот починал од срцев удар, но подоцна се утврдило дека бил позитивен на вирусот. За сега не е познато како или од кого се заразил.

Затоа, медицински екипи од институтот за јавно здравје уште вчера почнале да земаат брисеви од сите затвореници, но и од чуварите во затворот.

Сепак, тоа не ги смири затворениците кои во текот на ноќта во знак на незадоволство и загриженост фрлаа чинии од прозор.

На ова видео кое го објави „Тетова сот“ се гледаат фрлените чинии, а од Управата за извршување на санкции потврдија дека пластичните чинии кои се на видеото навистина им припаѓаат на луѓето од затворот и дека тие се користат во ќелиите.

Затворениците бараат и кај нив да бидат воведени посебни заштитни мерки, а во спротивно се заканија и дека ќе почнат штрајк со глад.

Директорот Есад Рахиќ за Алфа тврди дека ситуацијата е под контрола и дека затворот се дезинфицирал претходно, а се дезинфицира и сега. Тој додаде дека резултати од тестираните затвореници ќе ги соопшти во понеделник.

Инаку, шесте чувари кои биле во контакт со притвореникот и биле таму кога се констатирала смртта, веднаш по добивањето на резултатите се испратени дома во изолација.

Починатиот дошол во затворот на 8-ми март со притвор за полесно кривично дело и требало за неколку дена да биде пуштен на слобода.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста