Бурата „Борис„ уште пустоши низ Европа, досега загинаа најмалку 17 луѓе
Најмалку 17 луѓе загинаа во едни од најтешките поплави што ја имаат погодено Централна Европа во последните децении, додека бурата „Борис„ се уште пустоши во регионот.
Австрија, Полска, Чешка и Унгарија се погодени од екстремни врнежи. Полската влада прогласи вонредна состојба откако неколкудневните дождови опустошија делови од југозападните региони на земјата.
Премиерот Доналд Туск во понеделникот најави итна помош од 260 милиони долари за најтешко погодените региони. Преку границата во Чешка, илјадници жители останаа без топла вода и струја откако властите ги затворија топланите.
Во градот Острава, кој се наоѓа на 15 километри од полската граница, топланата веолија беше принудена целосно да се исклучи поради поплавите, оставајќи ги 280.000 жители на градот без топла вода.
Во текот на изминатите неколку дена, седуммина загинаа во Романија. Во Австрија, еден пожарникар загина во неделата, а двајца мажи на возраст од 70 и 80 години беа пронајдени мртви од службите за итни случаи, откако беа заробени во нивните домови во понеделникот.
Четири лица загинаа како последица на поплавите во Полска, а во Чешка три загинаа, соопшти локалната полиција. Европа е континентот кој најбрзо се загрева во светот, а глобалното загревање поттикнува екстремни временски настани таму, пишува во извештајот на „Си-Ен-Ен. Потопла атмосфера може да задржи повеќе водена пареа, што значи поинтензивен дожд кога паѓа, а потоплите океани предизвикуваат посилни бури.