Бугарското вето останува – за што Заев се испазари и со Гаши?

Уште едно вето од Бугарија за македонскиот европски пат  – официјална Софија нема да ја промени позицијата за почнување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Тамошните власти не отстапуваат од декларацијата донесена во бугарскиот парламент и велат дека таа позиција останува и за состанокот на Советот за општи работи на Унијата на 14 декември во Брисел. Сепак сметале дека Тирана е подготвена да ги започне преговорите за членство со ЕУ.

Нема промена во бугарската позиција во однос на Република Северна Македонија. Нема ништо што јавноста не го знае. Нашата позиција е постојана и непроменлива. Овој став на Бугарија ќе се брани за време на состанокот на Советот за општи работи (СО), што ќе се одржи на 14 декември 2021 година во Брисел, изјави привремениот премиер Стефан Јанев од собраниската говорница на Народно собрание, јави БГНЕС.

По ваквите најави се наметнува и прашањето зошто премиерот Зоран Заев воопшто му удоволи на Африм Гаши во распределбата на државните функции и покрај цврстите бугарски ставови. Дали потегот со кој со Алтернатива доби голем дел од владиниот колач е и основа за поддршка на албанскиот политички блок во пазарењето со бугарската страна, теза што веќе меѓу редови ја најави и специјалниот претставник на Заев , Владо Бучковски. Во интервју за Дојче Веле вели дека ако спорот со Бугарија не се реши додека Заев е на власт , ќе сме влезеле во нова неизвесност.

Во меѓувреме и опозицијата предупредува дека Заев е подготвен да прифати се што ќе побараат бугарските власти само да се задржи на власт. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат премиерот да не ги погазува јасно утврдените линии на македонската декларација, која едногласно беше поддржана од сите политички чинители.

-Ние како ВМРО-ДПМНЕ предупредуваме Зоран Заев да не презема чекори спротивно на онаа резолуција донесена едногласно од сите политички актери во Парламентот и политички актери во Македонија, спротивна акција на Зоран Заев, на она што значи заштита на македонските национални интереси. Тоа што е јасно е дека Бугарија нема да отстапи од зацртаните две резолуции, два документи донесени едногласно во тамошниот Парламент, кои што се спротивни на она што значи македонски национални интереси, вели Наум Стоилковски.

Црвените бугарски линии подразбираат негирање на македонскиот јазик, историја  и се бара бришење на изразот “бугарски фашистички окупатор”.

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements