Бугарско МНР за Алфа: Нема да коментираме дали Захариева побара нов договор од Османи

Бугарското МНР ниту потврдува ниту демантира дека Захариева од Османи побарала Македонија и Бугарија да потпишат нов договор налик на преспанскиот со кој ќе се имплементираат барања на Софија за македонскиот идентитет. Иван Димов советник во кабинетот на шефицата на бугарската дипломатија за Алфа вели дека нема да ги коментираат изјавите на Мицкоски дека на средбата во Софија минатата недела од бугарска страна било побарано нивните ставови преку амандмани да станат дел од нашиот устав.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно го повика Османи да даде објаснување дали вакво нешто му било посочено на средбата во петокот.

Ставовите на Софија во меморандумот со кој меѓу другото се оспоруваат македонскиот јазик и нација до 1945 како што вели Мицкоски се резултат на ветувањата кои Заев им ги дал на нашите соседи уште пред изборите во 2016.

Османи одговори преку Фејсбук. Тврди дека немало нов договор, а посетата на Софија била позитивна.

Заев пак без конкретен одговор дали постои барање од Софија за нови уставни измени. Не сакал да му наштети на процесот, но владата правела се за заштита на нашите интереси, но водела сметка и за бугарските.

Захариева минатата недела ни порача дека Македонија мора да се согласи на нов национален идентитет врз основа на историската реалност.

Градимир Марковски