Бугарските власти сметаат дека ги знаат точните причини за автобуската несреќа

Погрешно поставени банкини, траги од истечено гориво, опремата на автобусот сменета во Турција со нефабричка, делницата на Струма не е автопат туку широк меѓуградски пат – полека бугарските експерти го расветлуваат случајот со трагедијата во која животот го загубија 45 македонски граѓани. Додека македонските власти молчат за низата пропусти и понесувањето одговорност, бугарскиот обвинител Бисер Михаилов и истражителот Маријан Маринов соопштија дека е позната причината зошто изгорел автобусот на „Беса Транс“. Сепак ќе препуштат на експертите да ги соопштат деталите за кои веќе имаат свои тези откако повторно беше прегледан опожарениот автобус. Дека банкините биле неправилно поставени стои во извештајот на Институтот за сообраќајна безбедност од Бугарија кој бил испратен до бугарското Обвинителство.

Увидот утврди дека заштитните огради не се поставени според барањата. На подрачјето на несреќата се случиле бројни несреќи, при што се оштетени заштитните огради. Во овој случај, во средната разделна лента можеме да видиме дека има преинсталирање на објектот. Сигурно имало претходна несреќа во истата област. Приклучокот на заштитната ограда е неправилно монтиран со две завртки наместо четири, по потреба. Ова е причината поради која заштитната ограда се скина и покрај малата брзина со која удри автобусот – стои во извештајот на Институтот.

Истражителот Маринов реагираше и дека автобусот бил стар а целата опрема била сменета во Турција и треба да се истражи дали новата била нефабричка. Додека се нижат шпекулации за причините за трагедијата, Маринов вели дека теориите на заговор биле неточни, во автобусот немало експлозив и немало податоци за туби со бензин. Претходно, министерката за регионален развој Виолета Комитова соопшти дека биле забележани траги од истечено гориво на 300 метри пред излетувањето на автобусот.

До пред некој ден не знаев дека делницата на Струма каде се случи тешката автобуска несреќа не е автопат, туку обичен, широк меѓуградски пат. Со голо око сите гледаме добар пат. Но, со голо око не можеме да ги забележиме недостатоците – информираше Комитова.

Претходно во бугарските медиуми се појави теза дека во автобусот имало ацетен анхидрид, суровина за хероин, и се повикаа на свои извори во бугарските служби за безбедност, но и оваа теза не е потврдена.

Во меѓувреме, додека бугарските власти будно го следат случајот, македонските власти молчат за тоа кој ќе понесе одговорност за тоа што автобусот дури 135 пати поминувал граници без лиценци, со изводи од други возила. Нема ниту конкретни извештаи од инспекцискиот надзор во компанијата „Беса Транс“.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста