Бугарските избори нема да донесат промена за македонското прашање
Надежите дека наскоро во Бугарија ќе се формира Влада се нереални. Растат стравувањата на експертите дека политичкиот хаос кај источниот сосед ќе го стави на „стенд бај“ процесот на преговори за влез во ЕУ на земјава.. Резултатите од изборите оставаат голема неизвесност кој и дали воопшто ќе стигне до мнозинство од 121 пратеник. Според поранешниот амбасадор, Ристо Никовски, досегашниот премиер Борисов многу тешко ќе формира политичка Влада, а многу пореално е да се образува техничка влада по што ќе следат и нови избори
Резултатот на тоа расположение на гласачкото тело во Бугарија, покажува дека Влада многу тешко ќе се формира. Шансите Борисов да остане, се многу мали, и најверојатно, бидејќи тоа му одговара на Трифонов, кој сега е нова политичка појава, кој доби неверојатно голем простор и ја надмаши бугарската социјалистичка партија, и нему ќе му одговараат нови избори – вели Никовски – вели Ристо Никовски.
Министерот за одбрана, Каракачанов, инаку најагресивниот антимакедонист во Бугарија, не обезбеди место во Собранието и од него нема да зависи ништо. Сепак, потенцира политичкиот аналитичар Петар Арсовски, водителот Слави Трифонов чија партија е втора по освоени гласови, исто така има тврди ставови за разрешување на проблемот помеѓу Македонија и Бугарија. Арсовски смета дека наредните три недели се клучни дали преговорите со Бугарија ќе продолжат или ќе се пролонгираат.
Точно е дека позицијата на бугарската национална политика по прашањето на Македонија нема да се смени. Тие ќе останат тврди како што беа пред иззборите, ама не се исклучува можноста дека под меѓународен притисок Бугарија може да попушти. За нас е подобро Борисов да формира влада, бидејќи Борисов се чувствува себе си како промотор на европската идеја на Балканот, веќе има некое искуство во комуникација со Македонија – вели за Алфа политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Засега е јасно дека доколку Борисов не формира Влада, мандатот ќе го добие Слави Трифонов, кој може сигурно да смета на партијата на екс-правобранителката Маја Манолева и СДС на Румен Христов но им недостасува четврти партнер. Бугарскиот устав предвидува и трет обид за формирање Влада, и ако по третиот обид нема мнозинство, тогаш се оди на техничка Влада. Во такви околности паѓа во вода оптимизмот на премиерот Заев и шефот на дипломатијата Османи кои се надеваа дека по изборите во Бугарија ќе се создадат услови за изнаоѓање решение пред јунскиот Самит на ЕУ.
Адријана Алексиеска