Бугарските интелектуалци со осуда на декларацијата на Софија

Неприфатливо е враќањето на јазикот на националкомунизмот, предупредуваат бугарски интелектуалци кои отворено се спротивставија на условите и заканите за блокада кои ги испорача нивната влада во однос на европската интеграција на земјава.

Историчари, адвокати, етнолози, политиколози,како и црковни лица, започнаа отворена петиција во која со контра-декларација објаснуваат зошто официјална Софија оди предалеку со барањата.

„Целокупниот тон на таканаречената Рамковна позиција за Република Македонија е недозволива. Во неа се содржани голем број вознемирувачки и проблематични барања“, пишуваат интелектуалците меѓу кои досега се потпишани Огњан Минчев, Николај Василев, Кирил Чуканов и други познати јавни личности.

Тие оценуваат дека инсистирањето на „заедничка историја до 1944-та година“ од научна гледна точка е тешко за одбрана.

„Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ- бугарскиот. Во пракса, всушност се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација. Затоа, ние го осудуваме поимот ’кражба на историјата’, кој честопати се користи од некои националисти од обете страни“, се наведува во Декларацијата.

Најзагрижувачки според бугарските интелектуалци, е негирањето и потценувањето на македонската култура, и политичкиот и културниот идентитет на Македонија. Тие бараат наместо ултиматуми, јакнење на соживотот и соработката меѓу двете држави од културата до економијата.

Официјална Софија вчера усвои рамка која содржина 20ина услови кои бара земјава да ги исполни за да стане членка на ЕУ. Едно од клучните барања на источниот сосед е никаде на ниво на ЕУ да не се споменува македонскиот јазик, туку ЕУ да ја користи формулацијата „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

Посочуваат дека ако е неопходно пишувањето „македонски јазик“ во документи и ставови на ЕУ, тогаш со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Северна Македонија“.

Софија бара и бришење на се каде што стои „бугарски фашистички окупатор“.

Бојана Димитријевска