Бугарскиот диригент кој диригираше концерт во чест на Гоце Делчев среде Скопје: Делчев е Бугарин и тоа е факт

Гоце Делчев бил Бугарин и тоа било факт, вели за Алфа телевизија бугарскиот диригент Христо Христов, кој во негова чест среде Скопје диригираше концерт поддржан од Министерството за култура. Уште откако Алфа објави дека тој ќе биде диригент на тој концерт одржан на шести мај во Филхармонија, имаше бура реакции поради моменталната политичка состојба меѓу Македонија и Бугарија. Сега пак Христов вели мора да го почитуваме фактот дека Делчев бил Бугарин.

-Делчев бил и по својата смрт си останува Бугарин. Тоа не може да биде теза, тоа е факт. Ако тоа некој сам си го определил, од тука натаму ние можеме просто да го почитуваме тој факт и тоа е толку, вели Христов.

Запрашан како тоа Бугарин се борел за самостојна и независна Македонија, вели дека имало многу примери во историјата, каде странци се бореле за слобода и автономија на друга држава. Вели дека она што го поврзува Гоце Делчев и Македонија, па поради што може да кажеме дека е и Македонец, покрај Бугарин е што тој бил роден во Кукуш на територија на Егејска Македонија.

-Низ историјата има многу примери кога луѓе од разни народи, се бореле за слобода на друга држава. Тоа е првото нешто, а второто нешто е ако некој тврди такво нешто дека тој се борел за независна држава, а не како што е вистината и е напишана во повеќе документи, се бори за автономија, изјави Христов.

Тој за Алфа демантира дека на концертот имало бугарски песни, вели сите биле класична музика. Христов вели и дека не бил главен диригент на концертот, велејќи дека таква позиција постоела само ако во една институција има повеќе диригенти.

-Нема главен диригент, има диригент, главен диригент е само должност во организациската структура во институција, само ако е доволно голема да има повеќе од еден диригент. И така да е потребно да ја има таа позиција главен диригент, вели Христов за Алфа.

Ова не е прв пат во Македонија концерт во чест на Делчев да диригира токму Христов, кој вели дека е внук на македонскиот национален херој. Под негова палка концерт се одржал и во 2019-та година. Инаку, овој концерт се одржа во време кога Бугарија бара да признаеме дека Гоце Делчев бил Бугарин со цел напредок во евроинтеграциите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста