Бугарски „24 часа„: Заев нудел решение за јазикот „ист јазик, но различни, светски признати одделно„

Бомба од Софија – Бугарите и Македонците говорат ист јазик, но и на различни, кои се светски признати одделно. Ова била една од формулациите која како  компромис го понудил премиерот Зоран Заев на средбите со бугарските власти, објавува бугарскиот весник „24 часа„. Под наслов „Компромисот на Заев: говориме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“, бугарскиот весник повикувајќи се на извори од бугарската влада пишува дека гостинот предложил пет варијанти за компромис, кои треба да влезат во политичката декларација. Меѓу нив имало и формулација за јазичниот спор. Се предвидувала и декларација дека двата народа се братски”.

Според пишувањата на тамошните медиуми, Софија не прифаќала ниту документите да се потпишуваат на мак јазик, туку инсистира да стои фразата официјален јазик на РСМ.

И додека бугарските медиуми откриваат детали од преговарачката маса во Софија, опозицијата во земјава реагира дека Заев и власта прават големо национално велепредавство.

А од македонската влада пак преку соопштение демантираат – во Софија не биле понудени формулации како решение. На средбите била унапредена довербата и дијалогот меѓу двете земји.

-Решенијата мора да водат грижа за двете страни односно да ги адресираат прашањата кои се важни и за МК и за БГ. Такви решенија се можни, за да се дојде до нив неопходен е дијалог, а сега еве и дијалогот е повторно на маса.Оттука, не се точни шпекулациите за наводни формулации за решенија кои се споделуваат низ дел од медиумите“, се вели во реакцијата до Владата.

Дека Заев е тој кој бил спремен да понуди нов компромис  вчера потврди и самиот бугарскиот премиер Стефан Јанев – делегацијата на Заев дошла со конкретен предлог, но цврстата политика на Бугарија нема да биде променета.

А веќе цел месец наназад Заев се колнеше дека ниту македонскиот јазик ниту македонскиот идентитет нема да бидат ставени на преговарачката маса. Тврдеше дека тоа се нешта за кои нема ниту да погледне било какви документи. Но пишувањата на бугарските медиуми целосно ги рушат ваквите ставови на Заев.

Ивана Соколовиќ Најдова