Бугарската офанзива засилува- дали македонските политичари ќе се сплотат во одбрана на македонскиот идентитет и јазик?

Дали сите македонските политички субјекти ќе застанат заедно во одбрана на македонскиот идентитет и јазик? Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски бара Собранието да расправа и да усвои декларација за неприфаќање на бугарскиот меморандум, испратен до земјите членки на ЕУ. Таму бугарската страна тврди дека Македонците се проект на Јосип Броз, а македонскиот јазик не постоел до 2 август 1944 година, но и дека 80 години се молчело за масакрот врз десетици илјади Бугари за време на диктаторот како што го пишува во меморандумот- Тито.
Милошоски смета дека е неприфатливо да се преговара не само за македонскиот, туку за било кој национален јазик.
-Собранието би било добро како контра одговор на бугарското национално Собрание, да усвои една заедничка декларација во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот народ и сите други културни и национални обележја би биле заеднички, потврдени и со самото тоа афирмирани како дел од европските вредности на културните и национални идентитети на овој континент, изјави Милошоски.
Провокациите од бугарска страна не стивнуваат. Последен во низата е европратеник од партијата на Каракачанов, Ангел Џамбаски. Кој вели дека во Бугарија никогаш немало македонско малцинство.
-Тие наводно се подготвувале да се борат против корупцијата, а излезе да ја прашаат власта во Бугарија за правата на сексуалните и етничките малцинства, вклучувајќи го и македонското. Во Бугарија, немало, нема и не може да има македонско малцинство, пишува Џамбаски.
А по ваквите бугарски пораки, конечно со попрецизен став излегоа од македонскиот тим од заедничката комисија со Бугарија. Претседателот на тимот експерти, Драги Ѓоргиев, вели дека меморандумот може да ја направи беспредметна работата на комисијата.
-Објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија упатен до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување не преговорите, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех на Комисијата, вели Ѓоргиев.
Обидот за негирање на македонскиот јазик, според писателот и универзитетски професор Веле Смилевски е знак за оживување на национал- шовинистичката политика на Бугарија од времето на Тодор Живков.
Матеја Петровски