Бугарска рампа за преговори за Македонија, Заев со непријатни чувства, Мицкоски бара техничка влада

Бугарија стави рампа за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.Бугарскиот амбасадор на состанокот со колегите од земјите членки во Брисел го повтори ставот на источниот сосед дека не се исполнети условите за добрососедство.Премиерот Заев во ова гледа непријатна порака, но се надева на решение за спорните прашања.

“Ја имаме првата блокада од Бугарија. Членот 2 од Договорот за добрососедство вели дека Бугарија треба да нè поддржува кон патот за интеграција во ЕУ. Денеска е прекршен тој Член 2 од Договорот, ние ништо досега не сме прекршиле, напротив имплементираме. Ова е прво непријатно чувство. Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија, првиот чекор е блокиран”, изјави Заев

Опозицијата со став дека по овој неуспех, но и поради лошото менаџирање на ковид-кризата е потребна широка влада за национален спас.Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски истакна дека е поразена политиката на Заев за свиткана кичма.

“Тие треба веднаш да ги напуштат позициите и да организираат предвремени избори на кои што би можеле граѓаните во термин во кој што нормално здравствените услови ќе дозволат да се случи такво нешто. Сега, можеби, треба и да почнеме да размислуваме за една идеја која што ја почнаа од Алијансата за Албанците, а тоа е една Влада за национален спас, техничка влада или некој друг тип на форма”, изјави Мицкоски

Исто размислуваат и лидерите на Алијанса и Алтернатива Села и Гаши. Според Села настаните од 27 април не треба да бидат пречка за заедничко делување.

“За да има соработка меѓу одредени партии нормално е тие да пројдат низ еден период на создавање доверба.  Настаните од 27 април на крајот на краиштата не се ориентирани само директно кон мене и за 27 април нема да дозволам ако имам лична причина да ја држам заложник перспективата и иднината на вашите деца. Во име на случувањата на 27 април јас немам намера да ги амнестирам погрешните политики на Зоран Заев а од друга страна не е дека политички субјекти ги направиле овие потези. Дали било 27 април или други случки кои се случиле. Тие што ги направиле тие постапки се поединци и тие поединци имаат и име и презиме. Колку што јас имам информации, но и јавноста, тие за жал се претвориле во бизнис партнери на премиерот на државата, Зоран Заев”, изјави Села.

Дисусијата за преговарачката рамка се префрла на Советот на министри кој ќе се одржи на 17 Ноември. До тогаш треба да биде извесно дали е можно поместување за спорните прашања меѓу Скопје и Софија. Бугарија и натаму инсистира на признавање на бугарски корени на македонскиот јазик и идентитет. Македонската влада ги одби ваквите ставови. Во меѓувреме Заев треба да има он лајн средба со бугарскиот премиер Борисов и со претседателката на европската комисија Урсула фон Дер Лајен.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста