Бугарска петиција за признавање на црквите на Украина и Северна Македонија!

Бугарскиот културен клуб Скопје е дел од петицијата со која се повикува Бугарската православна црква да помогне во признавањето на црквите на Украина и Северна Македонија!

На писмото до бугарскиот патријарх Неофит, во име на „Иницијативниот комитет за признавање на црквите на Украина и Северна Македонија“ се потпишани неколку личности, меѓу кои и Мирослав Ризински, инаку заменик претседател на Бугарскиот културен клуб – Скопје, а истата може да се најде и на фејсбук страницата на претседателот на клубот, Лазар Младенов, како и на сајтот „Татковина“ кој директно е поврзан со оваа невладина организација. Во петицијата на патријархот Неофит му се препорачува да направи напори кај Вселенската Патријаршија за да се овозможи МПЦ –ОА да добие независност бидејќи црковниот народ во Северна Македонија имал право на автокефална црква.

„Спорот за името на Македонија заврши со ратификацијата на Преспанскиот договор во Грчкиот Парламент. Како што кажавте и самиот, тоа беше условот за решавање на македонското црковно прашање. Ако БПЦ навистина има мајчински однос кон МПЦ –ОА, ве молиме без чекање да направите подготовки за да им обратите внимание на Вселенската патријаршија и на сестринските цркви за брзо и праведно решение за прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА“ – пишува во петицијата до бугарскиот патријарх.

Иницијаторите нагласуваат дека МПЦ секако ќе оствари автокефалност, со или без учество на БПЦ, но додаваат дека доколку БПЦ не помогне на тој пат, немало да бидат отстранети како што велат, последиците и ужасите од делувањето на Српската православна црква. Се повикува БПЦ да ги покани Вселенската патријаршија и МПЦ на заедничко богослужење за ставање крај на конфликтите на Балканот.

Инаку потписи ќе се собираат во Бугарија, Македонија и Украина а во среда ќе биде одржан и собир пред синодот на БПЦ од кој ќе се испрати порака за поддршка на оваа иницијатива.

Драган Милосављевиќ