Бугарите влегуваат во македонскиот Устав: Заев ја убедувал Меркел дека португалскиот предлог е добар

Влезот на Бугарите во македонскиот Устав по се изгледа станува реалност. Ова го потврдува и потегот на премиерот Зоран Заев, кој во Тирана ја убедувал германската канцеларка Ангела Меркел, дека португалскиот предлог за решавање на спорот со источниот сосед е одлично решение и е прифатлив за Македонија. Она што е проблематично е што предлог веќе беше одбиен од Бугарија. Според пратеничката Гордана Силјановска Давкова, ваквите дипломатски потези ја покажуваат неспособноста на Владата и Министерството за надворешни работи. Според неа Македонија и во спорот со Грција и во овој со Бугарија само прифаќа предлози од надвор.

-Вие морате да имате стратегија, да имате варијанти кои сами сте ги направиле, а не да чекате до таа мера што ние се обезличивме во заштитата на националниот интерес, што само чекаме некој однапред да ни даде предлог. Извините, па ние само аминуваме предлози. Ние ги научивме соседите дека можеме се, дека немаме лимит, вели Силјановска Давкова.

Дека Македонија е подготвена на нови големи отстапки покажува и нон пејперот, кој за волја на вистината беше демантиран и од Владата и од првиот човек на државата Стево Пендаровски. А во него стои дека сме подготвени да ги ставиме Бугарите како националност во Уставот, како и дека историските настани ќе се изучуваат и со потенцирање на бугарскиот контектст во нив. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели не е проблем самиот нон пејпер доколку постои, туку проблем е ставот на премиерот Зоран Заев искажан многу пати претходно, кој директно удира по македонските интереси.

Подготвеноста за отстапки од македонска страна, нормално ги зголемува апетитите кај бугарската. Па сега покрај само влез во Уставот, се бара и Бугарите да бидат запишани како државотворен народ во земјава. Ова го бараат невладините Бугарска национална платформа и Фондацијата „Македонија“.

-Сѐ уште можеме да го фатиме последниот воз, но ако не го направиме тоа Белград ќе успее по век и половина да ги откине македонските земји од Бугарија, се вели во барањето.

Постоењето на овој нон пејпер како што е познато беше демантирано, но и претходно од македонската Влада беа демантирани голем број работи во однос на спорот со Бугарија, кои на крајот сепак изглегоа вистинити.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста