Бугарите влегуваат во македонскиот Устав- договор или пробен балон на власта?

Бугарите влегуваат во македонскиот Устав, историјата ќе се учи со објаснување на историските настани и по бугарски контекст. Дали ова е навистина договор за спорот со источниот сосед или само пробен балон на власта за оценување на пулсот на јавноста. Според нон пејперот објавен во медиумите, со цел решавање на спорот со источниот сосед, македонската Влада е подготвена на нови големи отстапки, откако претходните не го донесоа посакуваниот напредок во евроинтеграциите.

-Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичка вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе ѝ се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети, стои во нон пејперот.

Подготвеноста на македонските власти за вакви отстапки можеби и не е некое изненадување, ако се знае дека летово и премиерот Зоран Заев ја отвори темата за влегување на Бугарите како националност во македонскиот устав. Тој дури и се пофали дека сторил многу повеќе за нив во Македонија, отколку Румен Радев за Македонците во Бугарија.

-Зоран Заев се појавил на манифестации од бугарските здруженија многу повеќе во последните години, отколку македонски здруженија или албански или турски во државата, затоа што сум бил поканет сум бил. Подигнавме споменик од полковник Гарванлиев, со сите бугарски знамиња напред, да и македонското тука. Сме покажале респект насекаде зошто се работи за нашиот сосед, но и се работи за граѓани, со определба Бугари во нашата земја и ние немаме проблем со тоа, велеше Заев.

Владата пак досега многу пати демантираше работи поврзани со спорот со Бугарија, кои на крајот сепак излегоа вистинити, а демант пристигнува и сега. Велат немало никаков нон пејпер, односно македонските позиции биле оние од предлогот на португалското претседателство со Европската унија. Сепак владејачката СДСМ преку партиско соопштение го искористи ова за да ја нападне опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Очигледно е дека фамозниот нон-пејпер е пишуван во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за да може Димитар Апасиев да шири лажни вести и да се радува на Фејсбук и другите социјални мрежи. Што друго може да се очекува од политички партии кои наместо конкретни мерки и програми, нудат само лажни вести и невистини, велат од СДСМ.

На ваквиот став на СДСМ, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека тоа е обид на власта да ја дефокусира јавноста околу одговорноста на првиот човек на македонското здравство Венко Филипче.

-Ваквите недоветни тактики на средношколецот советник Марјан Забарцанец се показател за тоа како СДСМ ја разбира политика сакајќи да одвлече внимание од оставките и моралната одговорност на Венко Филипче и Зоран Заев за несреќата во Тетово, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слично како и власта демант дека постои некаков нон пејпер стигна и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Од таму велат дека не е пристигнат никаков документ од Софија, бидејќи со месеци наназад не се воделе никакви преговори.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста