Бугарија пред трети парламентарни избори, Османи уште има надеж дека Софија ќе ја тргне блокадата до октомври

Обесхрабрувачки е она што се случува на политичката сцена во Бугарја според министерот за надворешни работи Бујар Османи. Признава, многу се надевал дека техничката Влада кај источниот сосед може да ги промени работите за конечно да се тргне блокадата на патот кон ЕУ, но случувањата покажуваат дека тоа е невозможно. Сепак оптимизмот кај шефот на дипломатијата останува, имало шанса да се сменат работите до октомври, кога е следниот самит на ЕУ. Но како тоа ќе се оствари, кога Бугарија најверојатно ја очекуваат нови, трети парламентарни избори, а е и добро познат бетонираниот став на источниот сосед на тема Македонија.

За жал не се охрабрувачки вестите коишто доаѓаат од Бугарирја во делот на формирање на институциите, бидејќи како што често нагласувам очигледно тоа се покажа како важен фактор во изнаоѓање на решение за надминување на разликите коишто се причина за оваа непринципиелна блокада на нашата европска перспектива. Ние бевме во очекување дека овој втор обид ќе има инститиции за да можеме во тој политички дел да комуницираме и да изнаоѓаме решение изјави министерот Османи.

Бугарија од пролетта не може да формира Влада и покрај двата изборни процеси. Со оглед на развојот на настаните, се очекуваат уште едни парламентарни избори. И додека владините претставници кај нас на новите избори сметаа како на нова надеж, од Официјална Софија многу пати стигна ладен туш – ниеден парламентарен состав и ниедна Влада, не може да ги промени позициите на Бугарија додека Македонија не ги испорача сите барања на источниот сосед.

Во меѓувреме првиот човек на Има таков народ Слави Трифонов го врати мандатот откако не успеа да формира Влада. Политичкиот хаос во Бугарија продолжува, а како што пренесуваат медиумите, ниту најинформираните политички аналитичари не се сигруни како ќе се одвиваат работите по вторите избори. Според Уставот, по откажувањето на Трифонов, мандатот треба да го добие ГЕРБ на Бојко Борисов  кој исто така соопштил дека ќе го врати мандатот.  

Дека ситуацијата е неизвесна покажаа и претходните изјави на бугарските политичари, откако во македонскиот парламент беше изгласана Резолуцијата за поставување црвени линии во однос на спорот. Реагираше и шефот на бугарската дипломатија Стоев, дека Резолуцијата го стеснувала полето на можности за компромис, а истата внимателно ќе ја испитале, дали била во согласност со Договорот за добрососедство.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста