Бугарија повторно се заканува со блокада: Ќе се откаже ли Заев и од Гоце Делчев?

Дали Заев ќе се согласи Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин, во замена за бугарска поддршка на евроинтегративниот пат? Македонија ќе мора да се откаже од својот национален херој, доколку не сака да добие вето од Бугарија. Вакви пораки секојдневно пристигнуваат од се повеќе бугарски политичари. Последен во низата кој го повтори овој став е европратеникот Мартин Ковачев. Тој го прашува Заев каква загуба би имала Македонија, ако прифати дека Делчев бил Бугарин.

-Не можам да разберам зошто мисли дека ако ја прифатиме историската вистина за Гоце Делчев дека тој се дефинирал како Бугарин, тоа ќе биде загуба за нив. Дека некако едната страна ќе ја изгуби вистината. Ова е несфатливо. Современиот македонски идентитет и државност не можат да се градат врз негирање на сè што е бугарско, врз митологијата и лагите наметнати за време на Тито, изјави Ковачев.

Ова е втор студен туш од Бугарија во краток период, пред два дена тамошниот вицепремиер и министер за надворешни работи Красимир Каракачанов, ни порача дека откако сме го смениле името и знамето на државата, сега ќе треба да ја промениме и историјата за напредок кон Европската унија.

-Јас сметам штом имаме договори треба да се почитуваат. Вие се согласивте да си го смените знамето, да си го смените името. А со државата (Бугарија) која секогаш и помагала на Македонија сметате дека може да играте некоректно, порача Каракачанов.

Од Бугарија повикувајќи се на договорот за добрососедство велат дека Македонија ќе мора да ја ревидира својата историја, а од Министерството за надворешни работи , велат дека остануваат целосно посветени на неговата имплементација.

-За сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е токму рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историски прашања кои ги оптоваруваат односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија децении наназад. На неговата имплементација, која е двострана обврска за двете држави, остануваме и натаму целосно посветени во добра волја, изјави МНР.

Македонија веќе стана позната по отстапки кон соседите, за да избегне вето од Грција на патот кон Нато и ЕУ, беше променето името на државата. Токму на картата на попустливоста од македонска страна, сега и Бугарија бара задоволување на своите барања.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста