Софија се жали на говор на омраза за „Ванчо Михајлов“ и најавува дека нема да го крене ветото во јуни

Нова провокација од официјална Софија. Бугарската потпретседателка Илијана Јотова најавува дека нема да го кренат ветото за македонските интеграции до Самитот во јуни. Според неа, Македонија требало да исполни пет услови кои биле поставени уште со потпишувањето на Договорот за добрососедство, меѓу кои вметнувањето на Бугарите во Уставот, но и менувањето на историските факти во учебниците.

-Бугарија има четири, пет услови кон Република Македонија, кои се поставени многу одамна, уште од моментот во 2019 година кога стана јасно дека после потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не мрднало. После осумнаесет седници на Мешовитата историска комисија ниту еден ред не е сменет во текстовите во училиштата во Република Македонија, вели Јотова.

Наместо извинување за навредите кон Македонците, со отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, бугарското министерство за надворешни работи обвинува за говор на омраза. Бугарија која била во коалиција на фашистичките земји, во времето на втората Светска војна и одбива да се извини за депортацијата на македонските евреи и убиствата на 12-те младинци кај Ваташа, сега реагираат дека биле загрижени што од политичките елити во Македонија биле поистоветувани со фашисти.

-Зачудени сме од остриот став на претставниците на властите во Македонија и антибугарската кампања што се спроведува во медиумите во нашата соседна земја во последните денови во врска со отворањето на клуб при Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола. Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, претставници на јавноста и на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ нeправедно да се изедначат со фашизмот, стои во реакцијата.

Откако бугарскиот претседател румен Радев делеше лекции за тоа кој бил а кој не фашист, се огласија со остра реакција и од Обединета Македонска дијаспора – бараат Владата под итно да го затвори културниот центар во Битола.

-Радев е еден од причините зошто односите помеѓу Македонија и Бугарија се влошуваат. Бугарските државни ставови се ксенофобични и дискриминаторни.   ОМД бара од Владата на Република Македонија под итно да се затвори Бугарскиот културен центар во Битола “Ванчо Михајлов.” Се друго е изговор. Македонија е Европска земја, стои во реакцијата од ОМД.

А универзотетската професорка Катерина Колозова пак во изјава за тв21 контра политичките чинители и јавноста, застана во одбрана на Ванчо Михајлов – бил фашист и нацист, но и македонист.

А власта пак тактизира како ќе реагира по бурата реакции околу отворањето на бугарскиот центар. Премиерот Димитар Ковачевски идната недела ќе каже како ќе постапуваат откако ќе ги собереле сите информации како влада околу регистрацијата на клуб со такво име.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста