Бугарија повторно провоцира, МНР повторно неми: Македонската власт сама го намалува значењето на Гоце Делчев во македонската историја

Македонската власт со своите потези и својата попустливост во преговорите со Бугарија последниве години сама го намалува значењето на Гоце Делчев во македонската историја, вели за Алфа поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, запрашан за најновите провокации кои пристигнуваат од официјална Софија.

-Актуелната власт во Македонија во овој момент прво не сакаше да признае, во Парламентот да се чествува, односно да се одбележи 150 годишнината од неговото раѓање на начин како што тоа требаше да биде одбележано, затоа што се работи за еден наш најголем херој, со самото тоа што не сакаа да дискутираат во храмот на македонската демократија фактички го намалија значењето и улогата на Гоце Делчев во македонската историја, вели Ѓорчев за Алфа.

Од Софија ни стигнува информација дека бугарскиот претседател Румен Радев, заедно со Бугарската академија на науките и Македонскиот научен институт од Софија, чија главна цел е застапување и бранење на тезата за бугарскиот карактер на Македонија и македонскиот народ, организираат Национална конференција во чест на 119 годишнината од смртта на Делчев на четври мај. Слоганот на конференцијата е „Добрососедските односи ќе бидат стабилни кога ќе не обедини историската вистина“. 

-На 4 мај ќе прославиме 119 години од смртта на Гоце Делчев. Националната конференција во неговиот спомен е израз на нашата длабока почит кон животот и делото на овој голем апостол на слободата на македонските Бугари. Добрососедските односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија ќе бидат стабилни и неповратни во време кога историската вистина не обединува, вели Радев.

Иако ставовите на македонските власти се дека Делчев е македонски, но и бугарски национален херој.

-Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност која што треба да не сплотува. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, велеше Заев од позиција на премиер на Македонија.

Ѓорчев вели не смееме да имаме вакви ставови, односно нашата позиција мора да биде Делчев е само македонски херој и револуционер и дека Македонија воопшто не треба да ја интересира што Бугарија говори.

За нас е битна македонската димензија на Гоце Делчев, македонската историска величина. Тоа е дека тој е роден на подрајче на историскиот географски регион Македонија, отоманската провинција Македонија во тоа време, дека се бори за македонска држава, дека починува, убиен е на територијата на отоманската провинција Македонија и дека неговиот завет е да биде закопан во слободна македонска држава, тоа се историските факти, тоа е големината на Делчев, изјави Ѓорчев.

И покрај македонската попустливост и прифаќањето на нови историски факти од страна на власта, Македонија од Бугарија досега добива единствено блокади на европскиот пат, а уште една таква блокада е се поизвесна и во јуни оваа година. Како што и претходно беше пракса на МНР, од таму повторно не одговараат на прашањата дали ќе реагираат на бугарските првокации.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста