Бугарија најави блокада за Македонија: Го сменивте знамето, го сменивте името, со нас играте некоректно

Или ќе се откажеме од Гоце Делчев или Македонија добива блокада уште на самиот старт на патот кон Европската унија, и тоа од за Владата- пријателска Бугарија. Менувањето на македонската историја по бугарски терк и официјално станува услов за евроинтегративниот пат на државата.

Вицепремиерот и министер за одбрана во бугарската Влада, Красимир Каракачанов, во интервју за Телевизија 24, вели дека македонската дипломатија веќе три години откако е потпишан договорот за добрососедство, одбегнува да ги реши историските проблеми и очекувале ЕУ да застане во одбрана.

За Бугарија проблематичен е и македонскиот јазик. Каракачанов засега не сака да влегува во дискусија околу ова прашање, затоа што според неговите зборови Македонија имала два официјални јазици, македонскиот и албанскиот, порачувајќи да се држиме до договорот. За Каракачанов проблемот не бил во Софија, тука во Скопје. Вели Македонија веќе се согласила наголеми отстапки, сега со Бугарија играла некоректно.

-Јас сметам штом имаме договори треба да се почитуваат. Вие се согласивте да си го смените знамето, да си го смените името. А со државата (Бугарија) која секогаш и помагала на Македонија сметате дека може да играте некоректно, изјави Каракачанов.

Каракачанов вели доколку не дојде до деблокада на работата на заедничката историска комисија и не се постигне согласност по проблематичните прашања, Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ.

-Минатата година во ноември месец, пред десет месеци ја стопиравте работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Ние сме го кажале тоа сто пати во последните десет месеци, дека ако не се постигне согласност по тие прашања Бугарија ќе возврати на првата меѓувладина конференција, додека прашањата не бидат исчистени. Тоа е позицијата на Бугарија. И тоа е многу јасно во Скопје. Ако Комисијата не ја продолќи својата работа и не реши некои прашања, ќе ја блокирате првата меѓувладина конференција? Се разбира, изјави Каракачанов.

Иако од повеќе страни беше предупредувано дека договорот со Бугарија е штетен за Македонија, премиерот Заев при неговото потпишување го нарече историски.

-Република Македонија и Република Бугарија направија историски чекор напред. Заедно, го поставивме минатото како темел на иднината и со тоа отворивме пат за стабилност и развој за двете држави и за балканскиот регион. Затворивме прашање со кое недвосмислено го трасиравме патот на пријателството, добросоедството и соработката меѓу нашите две земји, изјави Заев на први август 2017-та по потпишување на договорот за добрососедство.

Со цел да избегне вето од Грција, Македонија дури и го промени името на државата, се поставува прашањето дали Владата е спремна на уште поголеми отстапки и откажување од голем дел од историјата за да ги задоволи вкусовите на Бугарија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста