Бугарија и официјално соопшти дека нема намера да ја промени својата позиција во однос на Македонија

Бугарското вето останува зацементирано. Вечерва, неполн ден пред премиерот Заев да замине во Софија со надеж дека нешто ќе се промени, бугарската техничка Влада е категорична дека во моментов немаат намера да го менуваат ставот кон Македонија, односно дека државава не може да ги почне преговорите за членство во ЕУ на Самитот на 22 јуни.

Бугарија не била во ситуација да отстапи ниту да направи компромис со својата позиција – вели привремениот премиер Стефан Јанев.

Не само привремената Влада, туку и парламентот – со утврдената рамка во 2019 година, дава јасни насоки за бугарската национална позиција. Бугарија нема да ја одобри рамката за преговори со Македонија во сегашната форма. Привремената влада не е во состојба да направи таков чекор напред во овој поглед – изјави техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев.

Дека позициите Бугарија остануваат непроменети, а спорот кој ја кочи Македонија на патот кон евроинтеграциите нерешен – покажува и ставот на бугарското МНР. Условите за одржување на меѓувладина конференција не се исполнети.

Министерството за надворешни работи на БУгарија нагласува дека позицијата во однос на рамката за преговори за пристапување на Република … Македонија во Европската унија останува непроменета. Рамката за преговори треба да ги содржи потребните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, кои во моментов не се исполнети. Затоа не се исполнети и условите за спроведување Меѓувладина конференција – посочуваат од МНР на Бугарија.

Од Министерството информираа дека Бугарија преземала чекори за градење доверба и враќање на конструктивниот дијалог. Техничкиот премиер замери дека исполнувањето на Договорот за добрососедство се одвивал бавно, а мешовитата Комисија за историски прашања не постигнала ништо со нејзиното работење.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста