Буџетските приходи во мај пониски за 24%, јавниот долг ќе достигне 60% од БДП

Приходите во буџетот во мај биле пониски за 24%, даночните приходи се намалиле за 28 отсто, а најголем пад има кај ДДВ од 33%. Од друга страна, пак, расходите пораснале за 11% месецов. И покрај ова, според министерката за финансии Нина Ангеловска, земјава се уште се наоѓа во поповолното сценарио.

По пауза од 4 дена конечно објави дека за еврообврзницата од 700 милиони евра ќе се издвојат 154 милиони евра камата која ќе се плаќа на годишно ниво. Таа смета дека задолжувањето било навремено, а еврообврзницата била подобар избор од позајмувањето од домашните банки затоа што требало да се внесат свежи девизи на домашниот пазар.

Потврди дека јавниот долг значително ќе се зголеми и може да ја достигне критичната граница на умерена задолженост од 60% од БДП.

Вкупните потреби за покривање на буџетскиот дефицит и справување со корона кризата во моментов се проектирани на 1,43 милијарди евра. Пари ќе се обезбедат преку еврообврзница, заеми од ММФ, СБ, помош од ЕУ и издавање на државни хартии од вредност.

Министерката тврди дека има простор за финансирање на евентуални нови мерки, но ако епидемијата продолжи со истата динамика, не исклучува втор ребаланс на буџетот годинава.

Годинава треба да се вратат 685 милиони евра стари долгови, од кои 437 милиони на надворешниот и 248 милиони евра на домашниот пазар.

Буџетскиот дефицит досега изнесува 307 милиони евра, односно достигна 2,8% од БДП.

Ангеловска рече дека засега не размислува за воведување нови или покачување на постоечките даноци.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста