Буџетот влезе во собрание, за ВМРО-ДПМНЕ тој е класичен поткуп на гласачи, Ангеловска исвиркана на говорница

Жестока дебата во собранието. Со врева и исвиркувања почна расправата за предлог буџетот за наредната година. Долгиот говор на министерката беше неколку пати прекинуван, особено кога зборуваше за пораст на пензиите и платите.

Опозицијата веднаш го оквалификува новиот буџет како популистички и предизборен. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го нарече најрасипничкиот буџет досега. Вели имало пари за луксуз, но не и за капитални инвестиции. Наместо реформа во администрацијата, власта сакала преку пораст на платите и пензиите да купи гласови пред избори. Најави дека ако неговата партија дојде на власт веднаш ќе направи ребаланс.

Дури две и пол милијарди евра догодина треба да се потрошат за образование, здравство  и социјала. За разлика од опозицијата, министерката Ангеловска тврди дека со половина милијарда евра што ќе се одвојат за плати во администрацијата и со зголемување на примањата во здравството и образованието сакале да го спречат иселувањето на младите.

Капиталните инвестиции што секоја година потфрлаат, догодина треба да изнесуваат 384 милиони евра или 40-тина милиони евра помалку од првично проектираното за годинава. Дупката во пензискиот фонд, пак, ќе се покрива од буџетот од кој ќе се издвојат дури половина милијарда евра. Јавниот долг ќе расте, од сегашните 5,4 милијарди евра или 47,7% од БДП ќе достигне 51%. Владата ќе позајми една милијарда, а ќе врати 700 милиони евра. Ангеловска не исклучи издавање еврообврзница и земање кредит од странски банки. Ова е рекордно најголемиот буџет досега. Ќе се потрошат 3,9 милијарди евра, а ќе се приберат 3,6 милијарди. Буџетскиот дефицит ќе биде 2,3% од БДП, а инфлацијата ќе изнесува 1.7%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста