Бучковски со порака: Договор со Бугарија да се постигне додека е Заев премиер, инаку влегуваме во нова неизвесност

Дали Македонија ќе попушти пред бугарските уцени и условувања и ќе постигне договор со Бугарија, кој ќе наштети на македонските национални интереси? Шпекулациите за вакво сценарио веќе подолго време циркулираат низ јавноста, а сега уште поголеми ги направи и специјалниот преговарач за спорот со Бугарија, Владо Бучковски. Тој вели ако не се постигне договор сега со источниот сосед, додека Заев е на премиерската позиција, тогаш ќе сме влегле во нови проблеми.

-Ако не се договориме сега, додека Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност. Ќе изгубиме пак многу време, а ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка Влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер. Тоа е исклучително важно за утврдување на временската рамка за изнаоѓање на компромисно решение и кревање на блокадата од страна на Бугарија, изјави Бучковски.

Додека Бучковски на еден начин вели дека договор мора да биде постигнат, најсериозниот кандидат за иден премиер на Бугарија, Кирил Петков, порачува дека ќе мора да се преговара, а зелено светло без постигнат договор не може да има.

-Ако се даде ‘зелено светло’ за пристапните преговори веднаш, без дискусија, тоа само ќе ги зајакне националистите во двата табора. Ние се потпираме на преговори, а не на пропаганда, изјави Петков.

Опозицијата порача дека нема да прифатат никаков договор со Бугарија, кој ќе наштети на македонските национални интереси. Токму спорот на Македонија со источниот сосед е една од темите на кои се разговара на комисијата за правни прашања и човекови права на Советот на Европа во Париз. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од француската престолнина порача дека нашиот источен сосед е една од земјите кои најмалку ги почитува пресудите на судот од Стразбур, кој македонските граѓани ги имаат добиено против Софија.

-Една од државите која што најмалку ги спроведува овие одлуки е нашиот сосед Бугарија, која што не сака да ги спроведе одлуките поврзани пред се со регистрирањето на организацијата ОМО Илинден Пирин. Јасно посочив дека Бугарија мора да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права како и одлуките на парламентарното Собрание на Советот на Европа и на Комитетот на министри на Советот на Европа со цел човековите права да бидат соодветно испочитувани, изјави Николоски.

Инаку, јасни се барањата на бугарската страна, кои едногласно беа изгласани во нивниот Парламент. Она што Бугарија го бара, а за македонската страна е неприфатливо, е да признаеме дека македонскиот јазик не постоел пред 1945-тата година.

Матеја Петровски

Advertisements