Бубевски: Според досегашните докази, никој не сакал да прикрие насилна смрт

Основното јавно обвинителство нема отворено предистражна постапка за можното прикривање на причините за смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот. Ќе чека на резултатите од внатрешната истрага која ја спроведува Министерството за здравство дали и зошто некој сакал да сокрие дека Тот бил претепа. Шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски за Алфа вели  – досегашните докази покажале дека никој не сакал да ја сокрие насилната смрт, туку се работело за погрешна проценка. Ама од кого, тие ниту знаат ниту  истражуваат до овој момент. И повторно остануваат отворени сомнежите како е можно докторите да не забележат свирепи удари какви што се гледаат на видеото? И како е можно целата истрага да се сведе само на таа што ја прави здравствениот инспекторат меѓу лекарите на ургентен?

Истрага од ОЈО не е започната, едноставно од причина што доказите кои се однесуваат на настанот се обезбедени. Во однос на првата изјава на медицинските лица, истрага внатрешна има спроведено министерот за здравство. По резултатите ќе видиме дали има некаков сомнеж за некакво учество на некое лице за прикривање. Но досегашните докази покажуваат дека нема индиции за прикривање на делото, едноставно се работи за погрешна проценка, лекарска, дека не се работи за насилна смрт – вели обвинителот Гаврил Бубевски.

Сомнежите во јавноста се појавија веднаш откако директорката на Карил Маја Мојсова истакна дека Тот бил примен во болница без видливи траги на насилство. За подоцна преку соопштение да информираат дека отокот на мозокот кој го имал би можел да биде предизвикан од реанимацијата која ја правеле токму тие бидејќи ракометарот немал срцева акција. Дали ова е уште еден обид да се скрие насилната смрт?

Телото без видливи надворешни знаци на насилство и поради нејаснотии за причината за смртта беше предадено на Институтот за судска медицина за да се направи обдукција и да се расветли причината зошто настанал прекин на работата на срцето и што е точно причината за глобалниот едем на мозокот и смртта.Од самиот прием во Ургентниот центар, МВР е известено за состојбата на пациенот – информираа на 10.04.22 од Карил.

Од Карил дури и ги осудија како што велат „шпекулациите“ во јавноста, дека некој сакал да ги прикрие причините за смртта на Денис Тот. 28 годишниот ракометар почина по 24 часовна борба во болнички услови откако свирепо беше претепан.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста