Брзи тестови, ама не и термини – од човек, државата има заработка по 400 денари

1.600 000 денари ќе заработи државата од првата тура брзо тестирање кое стартува утре. Здравствените власти набавија 4000 брзи тестови за кои нема да има потреба од консултација со матичен лекар, но еден ваков тест чини 1000 денари, трошок кој целосно ќе падне на граѓаните. Набавната цена на тестовите е 600 денари со ДДВ, а маржата помеѓу набавната и продажната цена е дури 400 денари.

„4000 тестови набави Здравствениот дом, 600 денари со ДДВ беше набавната цена, и додадовме уште 400 денари колку да ги покриеме нашите трошоци, за екипите кои што ќе работат и опремата“ – вели др.Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом – Скопје.

Тестовите се брзи, но не и термините. Закажувањето започна пред три дена, а веќе до 10ти ноември се е пополнето. Граѓаните можат да закажат тестирање лично во поликлиниката Ѓорче Петров каде е поставен пунктот но и преку телефон, кој како што вели др.Исјановски, постојано ѕвони. Денеска неколкупати се обидовме да воспоставиме контакт, но никој не  се јавуваше.

Мора ли да се плаќа за овие тестови, зошто чинат по 1000 денари?

„Ние можеби доколку Фондот даде средства, може да ги набавиме. Доколку се даде можност, не е проблем, ние без пари ќе ги дадеме“ – додава др.Исјановски.

Од Здравствен дом велат дека на почеток ќе се прават околу 12 тестирања дневно, оти ќе работат само во една смена, од 8 до 14:30 часот. Доколку имало интерес за овој начин на тестирање, ќе се набавуваат уште тестови, а можно е пунктот да работи и во две смени.

Инаку тестот може да покаже три вида резултати. Пациентот може да биде негативен без симптоми, што значи дека пациентот е негативен на Ковид-19, може да биде негативен со симптоми и тогаш мора да се направи ПЦР тест, а третиот резултат кој може да го добие еден пациент е тестот да биде позитивен, што значи дека тој е сигурно позитивен на Ковид-19.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста