Бројот на заболени од коронавирус во Кина опаѓа, расте во Европа и САД

Корона вирусот сее страв во повеќе од 70 држави во светот. Потврдени се вкупно близу 10 илјади случаи на Ковид 19, а над 3,100 лица се починати. Кина и понатаму останува со најголем број на заразени лица, повеќе од 80 илјади. Сепак, во последните 24 часа се пријавени нови 129 случаи што е и најниска бројка во последните 50-на дена, соопштија од СЗО. После Кина, најмногу случаи се потврдени во Јужна Кореја, Иран и Италија.

Во соседна Грција се потврдени девет случаи. Познатата италијанска дестинација Венеција пак, целосно е запустена поради стравот од корона вирусот. Улиците, плоштадите и сите јавни места се речиси празни…Намален е и бројот на летови кон овој град. А како што соопштија италијанските власти, во оваа држава починати се 79 луѓе, додека повеќе од 2.500 се заразени.

Во меѓувреме Европските институции потврдија дека е детектиран првиот потврден случај на заразен во Европската агенција за одбрана во Брисел. Поради овој случај агенцијата ги откажала сите состаноци до средината на март.

Белгија утрово потврди уште десет случаи на заразени од корона вирусот покрај претходните 13.

Во Иран пак ситуацијата со корона вирусот властите ги натера привремено да ослободат повеќе од 54.000 затвореници за да се справат со ширењето на заразата. Таму се инфицирани околу 3 илјади случаи меѓу кои 23 пратеници а 92 лица се починати.
Украина и Мароко јавија дека имаат први потврдени случаи на нивна територија.

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста