Бројот на ново заболени стои во место, паѓа бројот на тестирања, но процентот на ширење на вирусот расте

Високи 15 проценти од тестираните граѓани во последните 24 часа се покажале како позитивни на Ковид 19, бројка која не оди во прилог на тезата дека сме го минале најлошото од епидемијата. Но од друга страна направени биле и помалку тестови – само 145. Новите анализи покажале присуство на вирусот кај 22 лица. Скопје повторно е на врвот по ново заразени – дури 13 од новите случаи се од главниот град. Двајца се од Прилеп и седум од Тетово.

Во последната статистика на ИЈЗ, исто како и вчера, нема починати пациенти, а охрабрува и веста оти расте бројот на оздравени пациенти – 64 граѓани вчера добиле и втор негативен тест на корона вирусот.

На Инфективната клиника, нема нови хоспитализирани случаи. Таму во моментов се лекуваат 42 пациенти. 20 од нив се на кислородна поддршка, а двајца на респираторна машина.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 5 нови пациенти – од вкупно 18 хоспитализирани, 4 се на механичка вентилација и уште толку со потешка клиничка слика.

Од денеска требаше да стартува масовниот скрининг кој го најавија здравствените власти, но засега нема информација дали почнало тестирањето. Со скринингот треба да бидат опфатени здравствени работници, вработени во градинки и во домови за згрижување на стари лица, припадници на полиција, возачи во ЈСП и таксисти, шалтерски работници во јавни инстируции и пациенти пред хоспитализација.

Скринингот ќе се прави преку земање на брис со PCR тестови, а податоците, здравствените власти ќе ги анализираат кога ќе се разговара за олеснување на мерките.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста