Бројни забелешки за новиот концепт, Царовска инсистира на реформата, вели историјата непотребно се скандализира

Започнување реформа во образованието на краток рок, без подготовки и без стручна и јавна дебата може да доведе до далекусежни последици. Изучувањето на историјата која е од голема општествена важност се губи во погорните одделенија и треба да остане књако посебен предмет. Ова се дел од клучните забелешки на Сенатот на универзитетот “Свети Кирил и Методиј’ за најавениот нов концепт од министерката Мила Царовска. Неприродно се интегрираат општествените, хуманистичките и природните науки и уметностите истакнуваат од сенатот. За реформата да се реализира е потребна согласност од сите сегменти во образовниот процес, сметаат членовите

“Универзитет Свети Кирил и Методиј Сенатот на новиот концепт за основно воспитание и образование гледа како на првична идеја која настојува да го усоврши и подигне квалитетот на нашето воспитание и образование, но за имплементирањето на овие генерални идеи потребно е многу повеќе време, повеќе човечки ресурси и општествен капитал, како и надоградба на основните идеи во концепцијата, но и јасен план кој ќе нѐ доведе до посакуваната цел”, велат од Сенатот.

Против реформата во образованието застанаа студентите по историја од Филозофскиот факултет. Со герила акција пред министерството побараа повлекување на новиот концепт.

“На најподмолен начин пробуваат да протуркаат нешто што нема да претставува модерна реформа, туку со слевањето на предметите едни во други ќе настане тотална деструкција на многу научни предмети, а пред се, на нешто што е државотворно за нас Македонците, а тоа е македонската историја”, рече Димитар Тодороски студент.

Сепак Царовска е убедена во исправноста на реформите. Се сретна со директори на училишта кои главно го поддржуваат новиот концепт. Забелешките од Сенатот на УКИМ вели дека не биле остри, а историјата непотребно се скандализирала. До министерството за образование и наука стигнале триесетина забелешки за новата програма.

“Како до сега така и од сега подготовката на имплементацијата на целата програма си оди тековно. Сега станува збор за усвојување на документ концепт кој што треба да биде надограден со наставни програми кои што мора да се направат во консултативен процес со сите засегнати. Се работи за спин за историјата обид за извртување на тезите за новата концепција и поврзување на реформа во основно образование со надворешно-политичко прашање на нашата држава”, рече Царовска.

За новопредложената концепција за основно образование, реагира, и здружението на информатичари на Македонија. Главната критика на „здружението на информатичари“ е дека со новиот концепт  наместо да се оди во насока на зајакнување на условите за реализација на воведените информатички содржини, се оди неколку чекори наназад и се брише и тоа што претходно било постигнато.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста