Бројни предвелигденски хуманитарни акции во Прилеп, само во организација на црквите доделени околу 150 пакети со храна

        Загрижувачки брзо расте бројот на семејствата кои се во социјален ризик, особено во последните две пандемски години. Ова е констатацијата на организаторот на веќе традиционалната Велигденска хуманитарна акција која ја спроведува неформалното хуманитарно Здружение „Свети Никодим Тасманиски и Прилепски“ од Прилеп.

    „Идеата се роди пред 15 години, значи 15 години ги работиме овие пакети. Во разговор со свештениците дојдовме до сознанија дека има доста сиромашни семејства во парохијата, по епархијата. Почнавме со триесетина пакети, еве 15-та година по ред, сега имаме 140 пакети. За жал, тој број се зголемува секоја година. Сигурно не се само овие 140, има уште многу повеќе, но тоа е тоа, толку ни е можноста сега засега“, – ни рече Драган Џокоски, организатор на акцијата.

   Вредноста на еден хуманитарен пакет е околу 2.500 денари, а паричните средства и храната освен што беа донирани од општествено-одговорните компании, беа собирани и со доброволни прилози од граѓаните на пунктови кои беа поставени во четирите поголеми прилепски цркви. Со оглед на новонастанатата лоша економска состојба, Џокоски очекува дека во наредниот период нивната хуманитарна организација ќе има се’ повеќе работа.

  „Сета таа ситуација со пандемијата која се наметна, а и сега ова со економската криза поврзана со војните, го зголеми бројот и тоа многу повеќе од тој што беше. Веројатно сега ќе се зголемува уште повеќе“, – објаснува Џокоски.

  Според свештениците пак, кои со години си ги познаваат своите парохјани, фрапантен бил податокот што голем дел од семејствата кои само до пред  неколку години живееле еден скромен, но нормален живот, сега биле на работ од егзистенцијата.

   Инаку, ова неформално Здружение, освен за Велигден, ваква хуманитарна акција организра и за Божик, бидејќи, како што објаснуваат самите, овие два големи семејни празници се празници на љубовта, на дарувањето и на милосрдието, а улогата на Црквата е нив да ги шири, негува и почитува.

  Каролина Дурло           

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста