Бројките паѓаат, но паѓа и бројот на тестирани, масовниот скрининг во Дебар покажа дупло повеќе заболени

Спласнува ли корона пандемијата во Македонија? Последните статистики на ИЈЗ, на тестирани и новодијагностицирани пациенти укажуваат дека вирусот полека се смирува. Но, Дебар, кој беше прво жариште во земјава, спроведе скрининг кај населението кој покажа загрижувачки резултати. Дури половина од ново детектираните Ковид пациенти, немале никакви симптоми, ниту пак знаеле дека ја имаат болеста, ниту пак биле официјално регистрирани како заболени.

„Само 35 резултираа позитивни на корона вирусот. Од нив 18 беа позитивни и на брис за Корона вирус, другите 17 се членови на нивните семејства и тие болеста ја минале без никакви симптоми“, вели градоначалникот на Дебар, Хекупан Дука.

Надлежните велат – намалениот број на тестирања се должи на се помалиот број на пациенти кои се сомневаат оти го добиле вирусот. Чекања за тестирање нема, вели првиот човек во здравството Филипче. Сепак, најавува позасилен скрининг кај различни категории на граѓани.

„Кои се тие критични групи на граѓани за кои што сметаме дека биле под поголем ризик, тоа се хронично болните, постари лица, вработени во одредени јавни претпријатија кои биле под ризик со повеќе контакти на заболени. Тоа ќе биде дел од една нова стратегија со која што ќе продолжиме да го идентификуваме вирусот“, вели министерот Филипче.

Инаку, процентот на позитивни случаи во земјава, споредено со направените тестови, се движи помеѓу 2 и 8 отсто од тестираните. Најголем број новодијагностицирани имало на 16 април, кога биле детектирани 107 нови случаи од 660 направени тестови, што е близу 17 отсто од вкупниот број на тестирани лица. Токму овој датум, епидемиолозите го поврзуваат со пикот на короната во Македонија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста