Британската влада потрошила повеќе од 4 милијарди фунти на планирање на Брегзит
Британската влада потрошила најмалку 4,4 милијарди фунти на даночните обврзници на подготовките за напуштање на Европската Унија, објави денеска канцеларијата за ревизија, во првите детални проценки на трошоците за Брегзит.
Државната канцеларија за ревизија (НАО) во извештајот соопштува дека парите во голема мерка биле потрошени на трошоци на службениците, изградба нова инфраструктура и плаќање за надворешни советодавни услуги.
За персоналот се потрошени 1,9 милијарди фунти, за нови системи и инфраструктура 1,5 милијарди фунти и за надворешни консултантски услуги 288 милиони фунти.
Во екот на процесот на Брегзит, кога се чинело дека Велика Британија може да ја напушти ЕУ без договорот од минатиот октомври, на брегзит работеле најмалку 22.000 владини претставници.
„Овој извештај за прв пат дава јасна слика за тоа колку потрошила владата и на што се потрошени парите“, рече шефот на НАО, Герет Дејвис.
Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 јануари, во најголемиот геополитички пресврт во последните децении, со што му го сврти грбот на 47-годишното членство во ЕУ.
Поради ова, меѓу другото морало да се спроведе обука на цариниците, и да се вработат повеќе луѓе во преговорите за трговските договори.
Повеќе од половина од парите ги потрошило Министерството за заштита на животната средина, храна и руралните области, Министерството за внатрешни работи и Царинската и даночната управа.
НАО истакна дека се работи за најниска проценка и дека трошоците би можеле да бидат многу повисоки.
Договорениот преоден рок меѓу ЕУ и Велика Британија трае до крајот на оваа година до кога продолжуваат да се применуваат правилата на ЕУ за да им се овозможи на Лондон и Брисел да се обидат да постигнат договор за идните односи по Брегзит.