Брисел притиска за решение меѓу Скопје и Софија

Албанија ќе побара од Европската Унија да го продолжи процесот на пристапување во Унијата одвоено од соседна Северна Македонија, која сè уште се соочува со бугарско вето, изјави албанскиот премиер Еди Рама. Не бил оптимист оти Бугарија наскоро ќе го тргне ветото кое го стави на почетокот на официјалните преговори за пристапување на земјава кон ЕУ во 2020 година, тврдејќи оти не е почитуван договорот за пријателство од 2017 година.

„Албанија веќе не може да чека двата соседи да го решат спорот. „Нашиот политички курс по ова прашање целосно ќе се промени“, вели Рама.

И додека Албанија бара одвојување, шефицата на Европската Комисија Фон дер Лајен бара Бугарија да помогне за реализирање на одлуката на Европскиот совет од 2020 година за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Од Софија со клучна порака за регионот вели дека важно е земјите членки на ЕУ да го исполнат „своето ветување во овие тешки времиња кон своите соседи“.

-Сакам да ги потсетам сите дека во 2020-та година Европскиот Совет донесе голема одлука за исчекор и да каже: „Сега е време, како што ветивме, да ги почнеме преговорите со Македонија и Албанија“. Европскиот Совет потврди дека ова е обврзувачки збор. И мислам дека е важно сега да испорачаме заедно. А за вас, многу јасно сакам да кажам дека темата за заштита на малцинствата е основна вредност на ЕУ, вели Фон Дер Лајен.

А дали се подготвува терен за нови отстапки во преговорите со Бугарија, далеку од очите на македонската јавност… Дел од македонскиот политички врв во Брисел повторно ќе седне на маса со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, за да се доближат позициите околу билатералниот спор.

Додека во Бросел се крои можно решение, опозицијата повторно ја кани власта пред народните избраници месецов да се појави пред Комисијата за надворешна политика и да ги достави нацрт-документите кои ги договара со официјална Софија, за заеднички да се разгледаат клучните прашања.

-Македонско-бугарските односи и најважните документи во овие билатерални релации, како што е договорот за добрососедство, веќе имаме установена пракса од 2017 година кога тогашниот премиер со високи претставници од МНР побара да имаме седница на Комисијата за надворешна политика и истата да биде затворена и на барање на пратениците, таа се случи каде што се разгледа нацрт-договорот за добрососедство потпишан во 2017 година помеѓу Македонија и Бугарија.

Пратениците очекуваат власта позитивно да одговори на нивните барања доколку вистински се залага за принципите за инклузивност, на отчетност и на заедничко работење на сите институции, вклучително и на пратениците како народни избраници.    

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста