Брисел критикува, Бочварски потврдува – изградбата на автопатот Кичево – Охрид дополнително ќе доцни

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид повторно ќе доцни – потврди министерот за транспорт Благој Бочварски. Крајниот рок кој истекува наредната година сигурно ќе биде пробиен. Работите заглавиле кај експропријацијата на земјиштето, но забавени се и активностите кај изградба на косините. Завршени се едвај 55% од градежните работи. Бочварски засега не потврдува дали ќе има потреба да се потпишува најнов, 4-ти анекс на договорот, ниту пак дали ќе требаат повеќе пари за завршување на автопатот. Тој треба да чини 600 милиони евра.

Критики за реализацијата на капиталните инвестиции стигнаа и од Европската Комисија. Додека ЕУ планира да одвои 9 милијарди евра за Западен Балкан, се отвора дилемата колку воопшто пари може Македонија да искористи. Во  последниот извештај, стои дека Владата лошо планира и проектира, лошо менаџира и бавно ги завршува проектите што ги започнува. Капиталните инвестиции имаат реализација од едвај 44% за 9 месеци. Министерот Бочварски се правда – годината се уште не била завршена, а не стигнале за наплата ниту фактурите на градежните компании за тоа што го сработеле летово.

Капиталните инвестиции како и секоја година се кратат со ребаланс на буџетот. Првичните 420 милиони се намалија на само 300 милиони евра. Сега се скратија пари за изградба на првата делница на пругата кон Бугарија и дел од магистралните гасоводи кои се градат со забавена динамика. И додека голем дел од проектите тапкаат во место, компаниите бараат надлежните да ги тргнат мораториумите за градење и позабрзано да носат нови ДУП-ови за да забрзаат градежните работи.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста