Брима Галуп ја спровеле анкетата, но не кажуваат кој е нарачател

Анкетата на Брима Галуп за која се крена врева во јавноста и натаму отвара дилеми. Откако се постави прашање дали воопшто е направена од агенцијата потврдуваат дека ја спровеле, но не кажуваат кој ја нарачал. Советникот за истражувања во агенцијата Ѓорѓи Кимов на прашање на Алфа на чие барање е спроведено истражувањето вели дека тоа е доверлив податок. Анкетата ја објавија повеќе медиуми, a ова го проблематизира и фактот дека според изборниот законик објавувањето и на нарачателот е обврска. Дека во истражувањето треба да има податоци за тоа на чие барање се спроведува, потврдува и претседателот на ДИК Деркоски.

“При објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите и електронските медиуми (интернет порталите) се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето”, се вели во членот 77.

Брима Галуп преку соопштение информира дека анкетата се реализирала од 5 до 14 јуни врз 1174 испитаници, но не била објавена од агенцијата.

“Наводите дека Брима воопшто не спровела анкета не се точни. Уште еднаш објаснуваме дека Брима не ја објавила анкетата а истата ја спровела во наведениот период. Понудата ја прифати еден од клиентите со ексклузивно право на користење и објавување”, велат од Брима Галуп.

Според ова истражување на јаавното мислење СДСМ има највисок рејтинг меѓу партиите, а Зоран Заев меѓу политичарите.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста