„Братот“ Борисов му стана најголем проблем на Заев: Без Бугари во Уставот нема датум за старт на преговори?!

Бугарија од пријател стана најголем проблем за власта во Македонија. Почнува да се официјализира новото бугарско барање кон државава. Официјален услов станува влезот на Бугарите во македонскиот устав. Денеска го повтори и  човекот, кого Заев го претставуваше како свој брат, поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов. Тој на средба со претставниците на бугарските здруженија во Македонија, кажа дека немало да дозволи државава да почне преговори, додека Бугарите не влезеле во македонскиот устав.

-Со моето име гарантирам дека нема да имаме разговори со Македонија додека бугарското малцинство не биде наведено како такво во Уставот. Знаат дека нашата поддршка како владејачка или опозиција за нив зависи од признавањето на бугарското малцинство, вели Борисов.

Средба со бугарските здруженија од Македонија, оствари и претседателот на источниот сосед, Румен Радев. И тој повтори дека додека не се реши прашањето со човековите права и недискриминацијата на Бугарите во Македонија преговори за членство нема да има.

-Треба да биде јасно дека покрај заштитата на вашите права, имаме и поширок интерес за Република  Македонија, но вашиот интерес ќе биде на прво место. Тоа многу зависи од вашето единство. Ова фундаментално прашање не зависи од тоа која влада и кој парламент ќе биде на власт. Ова е прашање што се однесува на европските вредности вградени длабоко во темелите на ЕУ, вели Радев.

Инаку во Софија на средби со Радев и Борисов беа од партијата ГДУ на Петар Колев, но и на шест здруженија на Бугарите во Македонија. На оваа средба потпретседателката на Бугарија потенцираше дека мора да се реши прашањето за правата на македонските Бугари.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста