Бранко Црвенковски: Овој балон еден ден порано или подоцна ќе пукне, договорот со Бугарија ни носи само лошо

Вака понатаму не може, овој балон еден ден порано или подоцна ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат.

Со овие зборови поранешниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, го кажа својот став за моменталните случувања во земјава. Тој испрати низа сериозни и големи критики за економијата, корупцијата, надворешниот долг на државата, но посебно се осврна и на потпишаниот договор со Бугарија. Вели тој наместо да донесе добро за Македонија, само ја отвори пандорината кутија и создаде простор за големите барања кои источниот сосед секојдневно ни ги испорачува.

-Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив ја отвори пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис едноставно не е можен, изјави Црвенковски.

Црвенковски кажа дека е посебно проблематично што бруто надворешниот долг на Македонија пораснал за повеќе до 10 милијарди долари. Порачувајќи дека сме држава која живее од кредити, а кој живеел од кредити, според Црвенковски умирал на рати. Велејќи дека Македонија е најкорумпирана држава, порача дека е потребна платформа која ќе ја донесат сите едногласно за средување на проблемите.

-Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за сузбивање на корупцијата. Според мене треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на политичките партии. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта, тогаш немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата, изјави Црвенковски.

Дека корупцијата е рак рана во Македонија говореше и претседателот Стево Пендаровски, порачувајќи дека тоа е проблем кој мора да се реши. Говорејќи за евроинтеграциите порача дека мораме да ги заштитиме националните интереси, бидејќи вели чуму ни е Европска унија, ако немаме нација.

-Во овој контекст е многу битно да не намали нивото на корупција, особено високата корупција, затоа што ги става во подредена ситуација граѓаните кои плаќаат даноци и воопшто ги демотивираат да ги почитуваат законите, го оштетува буџетот и економската основа на земјата. И не помалку важно ја руши довербата на луѓето во институциите на својата држава, изјави Пендаровски.

Околу состојбите во Македонија, говореше и Ѓорге Иванов. Тој порача дека Македонија моментално е хибриден режим кој се движи кон автократија, каде корупцијата е страшно голем проблем. Но, порача и дека на Македонија во моментов и требаат луѓе кои не се срамат од македонизмот.

-Денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе. Луѓе кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Луѓе кои говорат и творат на македонскиот јазик дури и кога некој друг го негира. Луѓе кои ќе се гордеат со нашите историски дострели, личности и настани кои сега некој сака да ни ги одземе, изјави Иванов.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев упати сериозна критика кон политичарите, кога се во прашање националните интереси на државата.

-Денешниве политичари слуги на дневнополитичките и геостратегиски интереси, а не на државотворните интереси кои денес заеднички ги славиме, изјави Коцарев.

На овој свечен научен собир организиран од МАНУ, покрај Црвенковски, Иванов и Пендаровски, се обратија и претставници од кабинетите на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски. Односно Живко Кондев кој беше шеф на кабинетот на Глигоров и Владо Поповски, кој му беше советник на Трајковски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста