Брачен пар од Дебар се заболени со корона, пред една недела се вратиле од Италија

Два нови случаи на корона вирус во Македонија – сопружници од село во близина на Дебар се заразени со Ковид 19, потврдија од Министерството за здравство. Мажот и жената, на возраст од 62 и 68 години, во земјава дошле на 27 фервуари од италијанскиот град Бреша кој се наоѓа во жариштето на епидемијата во Италија. Патувале со автобус во кој имало уште 40 тина патници. Лекарска помош побарале уште пред 4 дена, но матичниот лекар во Дебар не ги препознал симптомите на Ковид 19 и ги пуштил на домашно лекување.

„Вечерва пациентите ќе бидат пренесени со специјалниот транспорт на Здравствен дом Скопје на Инфективната клиника, каде дежурната екипа е спремна да ги пречека. Нивната состојба е стабилна имаат сосем лесна клиничка слика, лесна форма на горно респираторна инфекција“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Во автобусот со сопружниците патувале уште 40-тина патници од Скопје, Куманово и Дебар. Екипи на ИЈЗ и МВР допрва ќе ги идентификуваат.

„Најголем ризик имаат тие што седат во двата реда пред и зад заболените, но ние ќе ги идентификуваме сите патници и мислам дека ќе пристапиме на начин на кој што ќе го намалиме ризикот, да го сведеме на минимум. После интервјуата ќе видиме како ќе постапиме. Имаме став апсолутно сите да бидат во изолација“, вели Филипче.

Со новите двајца заболени бројот на пациенти со корома вирус во земјава се искачи на три. Претходно, кај 50 годишна жена која на 26 февруари се вратила од Северна Италија беше дијагностицирана болеста. Таа се уште е во изолација на Клиниката за инфективни болести, а нејзината здравствена состојба, според лекарите полека се подобрува.

Во меѓувреме во Македонија пристига и група од 20-тина странски туристи од Сингапур и Јапонија кои претходно биле во Романија. Надлежните велат оти на граница биле пречекани од епидемиолози на ЦЈЗ и биле детално прегледани и анкетирани.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста