Божиновска на средба со УСАИД во Вашингтон: Инвестициите во енергетски проекти клучни кон зелената транзиција
Инвестициите во обновливи извори, заштитата на животната средина, придобивките од зеленото енергетско сценарио и влијанието на климатските промени беа во фокусот на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со Ерин Елизабет Меки, помошник директор на УСАИД за Европа и Евроазија. На состанокот одржан во рамките на работната посета на Божиновска на САД, на кој учествуваше и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, биле истакнати заложбите на УСАИД кон реализацијата на проекти од јавен интерес.
„Разговаравме за потенцијалите на земјава околу започнување нови иницијативи и проекти кои ќе помогнат полесно да го изодиме патот кон зелената транзиција и намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Политичката стабилност е од круцијално значење во напорите за создавање клима за привлекување странски инвестиции. Разменивме слични ставови во врска со потребата од континуирана соработка за справување со еколошките предизвици, како и за поддршка на зелените иницијативи кои ќе помогнат кон одржливиот развој и заштита на животната средина во регионот на Југоисточна Европа“ подвлече Божиновска.
Таа неодамна оствари работен состанок со делегација на УСАИД предводена од Џери Дибл, претставник за Македонија на која беа споделени важни стратешки приоритети, со акцент на модернизацијата на енергетските капацитети и мапирање на идните проекти за соработка.