Божиќни честитки од државно политичкиот врв

Со пораки за мир, љубов,благосостојба,соработка,дијалог,човекови вредности и соживот се исполнети божиќните честитки што претставниците на државниот и политичкиот врв ги упатија до христијанските верници кои го одбележуваат денот на Христовото раѓање Божиќ. Претседателот Стево Пендаровски на верниците им посака деновите од празникот да ги минат во добро расположение, мир, спокојство и радост.

„Годинава Божиќ го празнуваме во поинаква атмосфера, предизвикана од пандемијата поради што треба доследно да ги почитуваме пропишаните мерки за заштита. Меѓутоа, тоа не не спречува да си посакаме убави работи. Да ги оставиме настрана гневот и омразата. Да комуницираме со другите луѓе со јазикот на љубовта, да си простуваме и да си помагаме. “ – порачува Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев во божиќната честитка им посака на верниците да останат сплотени во љубов за победа на злото што ја одбележа минатата година.

“Да ја шириме пораката Христова, која постојано не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме како личности. На празникот на новиот живот обединети околу универзалните христијански вредности и сплотени во љубов да го победиме ова зло и да продолжиме по европскиот пат.” – пишува во писмото по повод Божик, премиерот Заев.

Со порака за добро здравје, душевен мир, спокој, личен и колективен напредок.кон честитањето на Божиќ се приклучи и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Се слави вербата дека годината што ја оставивме зад себе, ни овозможи да согледаме колку е кревок човековиот живот и колку е значајно единството и меѓусебната поддршка. Се слави надежта дека во новата година, нема да бидеме ставени пред други предизвици кои го отежнуваат нашиот пат кон светла иднина. Среќни божиќни празници!”, – се наведува во честитката на спикерот Џафери.

Оваа 2021 година да биде година на обединување и почитување, наместо да тагуваме да се радуваме – ова го порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Оваа година да ни биде поуспешна, оваа година да биде година на обединување, година кога, како што кажа и во честитката Македонската православна црква, доброто ќе го победи злото, година кога ќе се радуваме наместо да тагуваме, година која што очекувам да биде победничка, како што тоа го кажа поглаварот на македонската православна црква.“ – истакна Мицкоски.

И останатите лидери на политичките партии упатија божиќни честитки во кои  изразија желби за добро здравје, радост, љубов и добрина.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста