Босна и Херцеговина одбележува 25-годишнината од масакрот во Сребреница

Босна и Херцеговина одбележува 25-годишнината од масакрот во Сребреница. Овој масакр е најголем во Европа по Втората светска војна. Во јули 1995 година, силите на босанските Срби убија повеќе од 8000 муслимани во Сребреница, област која беше прогласена за безбедна зона од страна на Обединетите нации. Дури и повеќе од две децении по убиствата, сè уште се наоѓаат масовни гробници. Идентификувањето на жртвите е тешко, бидејќи телата беа распарчени од багерите од кои биле фрлани, а потоа и закопувани. Секоја година на 11 јули, посмртни остатоци од идентификуваните тела се закопуваат во Меморијалниот центар Поточари.

Така беше и оваа година. На 25-годишнината од маскрот во Сребреница, семејствата погребаа уште девет некомплетни тела на своите најблиски, најдени во масовни гробници.

Најмладата жртва закопана на 11 јули 2020 е Салко Ибишевиќ. Кога бил убиен имал 23 години, а делови од неговото тело биле најдени во 2011 година во масовна гробница во Липље во близина на Зворник. Семејството од тогаш безуспешно се обидувало да го најде остатокот од телото на Салко.

Најстариот меѓу жртвите е Хасан Перзиќ, кој бил убиен кога имал 70 години. И неговото тело е најдено некомплетно во масовна гробница, во 1999 година.

„Го повикувам Советот за спроведување на мирот во БиХ да наметне закон за негирање на геноцидот и холокаустот. Пораката до нашите политичари во земјата и во регионот е да градат мир, почитување и доверба. Без вистина и правда нема мир“, порача Мунира Субашиќ, една од мајките на убиените во Сребреница.

Таа наведе дека оние кои го негираат геноцидот нема да успеат семејствата на жртвите ни да ги изморат ни да ги заплашат, и ја повика Србија да ги предаде оние кои го извршиле злосторството.

И претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Шефик Џаферовиќ на коменорацијата во Поточари побара од меѓународната заедница да наметне закон за забрана на негирање на наводниот геноцид.

„Наместо очекуваната катарза, признавање на геноцидот, извинување, апсења и процесирање на бројните директни извршители кои се сѐ уште на слобода, сведоци сме дека исто онака плански и системтски како што бил вршен геноцидот, денес плански и систематски се обидуваат да го негираат“, кажа тој.

Џаферовиќ ги повика политичките, верските и интелектуалните елити на српскиот народ, кој, како што истакна, низ историјата и самиот пропатил, да соберат сили да се соочат со вистината.

„Ги повикувам без резерва да се соочат со вистината, да се оградат од идеологијата и режимот кој во името на тој народ го изврши геноцидот врз Бошњаците. Нека го направат тоа поради семејствата на жртвите, поради нас, но најмногу за себе. Нека не им го оставаат тоа тешко бреме на генерациите кои доаѓаат“.

На комеморацијата во Поточари не присуствуваше никој од функционерите на Република Српска.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста