Бошков: Газдите ќе мора да се прилагодат за „недела – неработен ден“, први на удар малите компании

Газдите ќе мора да се прилагодат за Мерката „недела – неработен ден“ која помина во Собрание. Работниците со душа ја чекаат да добијат празнична дневница, што за газдите ќе биде потенцијален проблем. Првиот човек на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков, за Алфа вели дека малите и средни претпријатија ќе бидат први на „удар“, а можно е и продлабочување на сивата економија.

  • Работодавачите не треба да се закануваат и да изнаоѓаат некакви си изговори или закани дека ќе отпуштаат работници. Уште поголема е трагедијата ако тие работници бидат отпуштени а работат во недела, неформално. Многу ќе ми биде незгодно и лично ќе ми биде жал доколку не сме успеале како Бизнис конфедерација да ги убедиме синдикатите и Владата дека законов ќе придонесе до зајакнување на сивата економија и нерегистрираните дејности, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија.

Казни за непочитување на Законот ќе има, па затоа Бошков ги повика работодавачите да бидат разумни и не веднаш да бркаат луѓе од работа, туку да се потрудат што подобро да го реорганизираат работењето.

Стопанството смета дека први кои би отпуштиле работници ќе бидат менаџерите на трговските центри, кои согласно законот ќе имаат двојно зголемени давачки.

Од Стопанската комора на Македонија најавуваат дека ова законско решение ќе го дадат на Уставен суд.

  • Има многу неуставни елементи и ќе се преиспитува уставноста на ова законско решение. Остануваме на ставот дека никако не смее да се сопрат производните процеси бидејќи така одредени индустрии ќе претрпат сериозни загуби. Ако не работат во недела, тоа ќе го повлече и понеделник додека се подготви производниот процес за повторна работа, па всушност ќе се изгубат два дена во седмицата, вели Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Комората изготвила материјал од 17 страници на кои се образложени недоследностите на законското решение за недела како неработен ден за голем број дејности. Дел од нив се и оние чија активност се базира на лиценци, за кои на државата и плаќаат за да работат седум дена во неделата.

Од Организацијата на работодавачи не ја исклучуваат можноста за отпуштање работници поради неработење во недела.

Инаку, откако Законот помина во Собранието, недела и официјално ќе биде ден за одмор од 1 јануари, освен за 42 дејности кои поради производството ќе мора да работат. Тие работници ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница, додека вработените во трговските центри ќе земаат дупла дневница.

Од ССМ за Алфа велат дека задоволни и го поздравија ваквиот чекор на пратениците, но продолжуваат да се борат и за останатите барања кои се во корист на работниците.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста